Борислав Траиковски остави богат ликовен опус кој што постојано ќе биде толкуван, разоткриван, доживуван, чувствуван. Вистинското творештво, секогаш е вон временско и секогаш воспоставува спиритуални мостови со иднината, со минатото и сегашноста затоа што неговиот екстракт е постојано над прагмата и над испразнетата баналност на постоењето, всушност тоа е единствената човечка светлина која особено денес ни е вистински и суштински потребна за нашиот понатамошен елементарен опстанок. Погледнато од денешен аспект, делото на Траиковски, не само што добива се подлабоко значење туку тоа е воедно пророчки поставено пред денешната поплава од ботовска, обесчовечена, комерцијална и материјална поплава на испразнета и безначајна визуелизација која наместо да биде исфилтрирана од човечката цивилизација таа претставува лажен и промашен сурогат на цивилизација.
Траиковски е автентичен и оригинален автор, целосно посветен не само на ликовниот израз, тој е автор кој што слободно се движи низ една целосна ренесансна синтеза на уметноста толкувана и доживувана со еден образован универзален дух.
Поставувањето на неговиот ликовен израз во контекст на париската ликовна школа (Руо, фовизам, експресионизам…) е потполно беспредметно. Таа инфериорна есеистичка толковност, не само за неговото творештво, е формална рамка во која неоправдано се класифицира суштината на македонското сликарство.
Траиковски е во равноправен дијалог со европското ликовно движење, неговиот опус е оригинален и впечатлив дел од историјата или од ликовната европска уметност. Неговото сликарство може слободно да биде поставено низ европските ликовни центри без никакви дилеми. Наметнатата доминација е проблем на европоцентристичката култура која денес е очигледно во сериозна криза. Она што исто така не беше досега истакнато за неговиот израз е суштинското присуство на потполн уметнички свет во кој е синтетизиран и универзален музички внатрешен говор, што е своевидна смелост и авторска неповторливост. Неговите „апстракции“ („Втонат пејзаж“, „Поглед во светот“,
„Две спирали“, „Барање на спомените“, „Патеки“, „Имагинарен свет“, „Спирали“…) се со богатото присуство на бекрајна колиристичка слоевитост и напластеност слична на полифониска симфониска оркестрираност, додека пак структурата на самата композиција – често дводелна или полиптихна, содржи еден вид на симфоничната структура Изложбаособено блиска на музичката литература од дваесеттиот век:
Шостакович, Прокофиев, Густав Малер со одредени интерпункциски назнаки и навестувања на симфонизмот на Брамс, Брукнер, Цезар Франк. Неговите црни обравувања, припишувани на корелацијата со Жорж Руо, се всушност ликовно-музички контрапункти кои ја потецираат ритмиката и непредвидливоста на линијата и потезите. Ликовниот симфонизам кај Траиковски е предмет на нови согледби и толкувања кој што допрва ќе ја откриваат неговата универзалност и сложена духовна порака и бескрајност.
Неговите гважеви содржат лирски пасажи, со збиена и „минималистичка“ фокусираност со сонатен облик, додека минијатурите се слободни етидни пасажи во кои впечатокот, импресијата, опсервацијата е преработена во своевидна внатрешна светлина која трепери над небесното присуство во бесконечните монолози слични на длабоки сини молитвени обраќања кон безвременоста и бесмртноста на човечкате духовни траги и галактичка искреност на вечно создавање и левитирачко постоење. Повеќе е од очигледно дека секое ликовно дело кај Траиковски е создавано со целосно музичко присуство и тоа не само директно туку и внатрешно како своевидно ехо на постојаното траење на вечната слика и звук.
Во контекст на вечната ревизија, Траиковски создаде своевиден универзум кој што секогаш ќе биде разгледуван од бројните ракурси на вистинското постоење, постоење со творештвото и создавањето како последниот израз на човечкото достоинство и вистина за сите и низ сите времиња.
Владо Ѓорески
Борислав Траиковски е роден е на 15 јуни 1917 година во Битола. По завршување на Гимназијата во родниот град, во 1937 година започна со студии на Техничкиот факултет во Белград, отсек архитектура, по што со почетокот на Втората светска војна во 1941 година истите ги прекина и се врати во Битола. Во периодот од 1944 до 1947г. работеше како наставник во училиштата во Битола. Во 1947г. се вратри во Белград каде продолжи со студии, но на Академијата за ликовна уметност. Во 1951г. Траиковски дипломира на Академија за ликовна уметност во Белград со што тој е првиот македонски академски сликар кој по ослободувањето дипломирал на таа академија. За време на студиите му предаваа секоја година различен професор (Ѓорѓе Андреевиќ-Кун, Љубица Сокиќ, Коста Хакман, Иван Табаковиќ), па често доаѓал во конфликт со нив во однос на начинот на сликање. По 1951г. се врати во Скопје каде беше назначен за асистент по сликарство на Архитектонскиот факултет. Само по неколку денови престој во Скопје се врати во Битола и изјави: „Доколку би се преселил на друго место и не би можел да го гледам синилото на битолското небо, сигурен сум, би престанал да сликам!“
Во Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ) е примен 1952г., а во 1951г. без посебно образложение беше одбиено неговото барање за членство. Како член на ДЛУМ беше на студиско патување во Италија (1954). Во 1961г. ја доби стипендија од фондот „Моша Пијаде“ и беше на едногодишен престој во Париз. Целиот свој работен век го помина како професор по уметност во Гимназијата „Браќа Миладиновци“, а подоцна и во Педагошката академија во Битола. Сликаше во своето атеље во Битола, кое имаше повеќе локации, а најдолго твореше во село Бистрица (оддалечено 5 км од градот), во еден исклучително натурален, мирен, амбиент, во стара зграда изградена пред Втората светска војна, во која по неопходната адаптација, го најде својот мир и задоволство. Траиковски е еден од основачите и прв претседател на Друштвото на ликовните уметници на Битола (ДЛУБ) и еден од најзначајните членови на групата ВДИСТ (Видимче, Димовски, Ивановски, Спировски и Траиковски), формирана во 1955г. Добитник е на наградата 11-ти Октомври за животно дело (1980г.), Орден на Републиката од 2 степен, 4-ти Ноември – награда на Општина Битола и многу други. Пионер e во организацијата на изложби по работни колективи, фабрики, плоштади, училишта.Почина во Битола на 11 октомври 1996г.
Поставката е во НУ ЗАВОД И МУЗЕЈ БИТОЛА од 02-12.10.2021 г.