Интерворкс од Битола е водечка компанија за аутсорсинг која работи за развој на софтвер во регионот на Источна Европа. Во изминатите 15 години го направи првиот клучен прогресивен чекор и ги воведе своите водечки софтверски решенија на пазарите во САД и во Европа. Како консултантски партнер на најголемите компании од Америка, со свои проекти, оваа компанија веќе е директно присутна на најголемиот светски пазар на софтвер. Нејзините дострели се многу големи бидејќи од мала група ентузијасти стигнуваат до гигант во ИТ технологијата. Ние не би биле вистински битолчани ако не си ги поддржуваме нашите успешни приказни. Затоа одлучивме да ги контактираме и од поблиску да Ве запознаеме со нив…

Интерворкс здраво. Кој стои позади оваа успешна компанија и од каде е идејата за овој назив?

Првиот назив на компанијата беше InterSoft Consulting – International Software Consulting.

Името InterWorks датира од 2007 година, што во превод значи International Consulting/Partnership that Works, односно интернационално партнерство кое што работи- т.е. испорачува резултати. Во тоа време постоеле голем број на оф-шор компании кои наместо да ги решаваат проблемите, тие креирале повеќе. Интерворкс беше решението кое работи, па од таму дојде и називот.

Како беше на стартот и од кога се почетоците на Interworks?

Едно ладно понеделничко утро во 2004 година, во мала гаража група од амбициозни програмери седнаа заедно и започнаа да ја пишуваат историјата на Интерворкс. Всушност не беше гаража, туку визба која беше малку поголема од просечна гаража и го немаше мирисот на гаража. Го имаше мирисот на креативност и оптимизам. Оваа мала група на програмери ги приклучија своите десктоп компјутери и се приклучија на Интернет преку нивниот Dial-Up модем … и се поврзаа со Америка!!! ( некои од вас можеби го паметат тој звук, а останатите можете да го спуштите на вашиот телефон). Идејата на овие неколку програмери беше да работат програмирање за Америка, односно како што денес се нарекува модерно – аутсорсинг. Токму тоа и се случи!

Колку вработени брои Интерворкс и каде има претставништва во Република Македонија?

Интерворкс брои 150+ вработени, на три локации Битола, Прилеп, а од неодамна сме присутни со свое претставништво и во Скопје.

Какви услуги нуди Интерворкс и каде е се присутен на земјината топка?

Интерворкс нуди различни услуги во различни области како Развој на комплексни апликации (PHP и Microsoft), Развој на мобилни апликации, Cloud AWS, Контрола на квалитет и тестирање, Менаџмент и поддршка (Дата менаџмент, Менаџирање на процеси и проекти, Оперативна поддршка), но сме најпознати во делот на Интеграција (SnapLogic, MuleSoft, TIBCO). За многумина овој поим е непознат. Накратко, интеграцијата претставува процес на спојување на потсистеми во еден систем со цел за заедничко фунционирање. Системската интеграција подразбира интегрирање/спојување на постоечките, често различни системи на таков начин што се фокусира на обезбедување и зголемување на вредноста на клиентот (подобрен квалитет на производот и перформанси, намалување на оперативните трошоци и подобрување на времето за одговор).

Во современиот свет важна е улогата на инженерите за системска интеграција бидејки сѐ повеќе и повеќе се дизајнираат системи кои е потребно да се поврзат Концептот Интеграција може да се спореди со сложувалка. Замислете си дека интеграцијата е една голема сложувалка. Како што знаеме секоја сложувалка има мали различни делчиња кои кога ќе се спојат комплетираат една цела слика. Со други зборови за да ја решиме сложувалката треба да ги поврземе различните делови, односно да ги споиме сите во едно. Истото важи за интеграцијата, за да се добие еден функционален систем составен од многу различни компоненти, тие треба да се поврзат точно. Повеќе за интеграција може да прочитате на следниот линк: https://interworks.com.mk/making-multiple-systems-work-as-one-through-integration/.

Со кои најпознати светски компании имате соработка?

Во текот на постоењето на Интерворкс сме соработувале со прилично многу клиенти од повеќе континенти и тоа клиенти со звучни имиња кои би ги препознале луѓе на било која возраст надвор од ИТ индустријата.

Меѓутоа Интерворкс активно работи на зачувување на осетливите информации кога станува збор за наши клиенти. Покрај тоа што нашата компанија е ISO 27001:2013 сертифицирана, и сме многу горди на тоа, со текот на времето развивме култура во однос на неоткривање референци и споменување на нашите клиенти. Со тоа им помагаме на клиентите во заштита од безбедносен аспект како што е social engineering или напад на нивните системи, што во време на дигитализација на секој аспект од животот е секако многу важно.

Другиот дел е конкуренцијата на пазарот. Во овој сегмент им овозможуваме секогаш да бидат чекор пред останатите во квалитет, доследност и доверливост.

Што треба доколку некој сака да биде дел од вашиот тим?

Во нашиот тим е добредојден секој кој сака постојано да учи, сака да се усовршува и е подготвен/а да излезе од комфорната зона.

Вратите ни се секогаш отворени за луѓе кои сакаат да креираат софтверски решенија кои го менуваат светот.

Каква е честа да се биде успешен од најградскиот град на светот и колку придонесувате за развојот на Битола?

Да се биде успешен во еден од градовите со најголема историја во Македонија е чест но истовремено и предизвик. Во време кога сѐ повеќе млади луѓе на жалост се иселуваат, горди сме што успеваме да ги задржиме младите во нашата компанија, а и во нашиот град. Нашето постојано вложување во развојот на вработените, како и во заедницата сметаме дека придонесува за развојот на нашиот град. Имено акцијата “Дај свој придонес засади дрво!”, која ја започнавме во 2018 година придонесе за зазеленување на нашиот град и намалување на загадувањето, но што е поважно подигнување на свеста кај граѓаните и компаниите. Горди сме што повеќе локални компании ни се придружија во акцијата и успеавме да засадиме уште повеќе дрва. Се надеваме на уште поголем интерес следниот пат.

Дали сметате дека градот на ваквите успешни приказни треба да им даде повеќе поддршка и на кој начин?

Би било убаво да се поддржува сѐ што може да допринесе за подобро утре на нашата Битола. Интерворкс се стреми да помогне безрезервно на секого во секој момент. Добро би било градот да нѐ поддржи во нашите стремежи да изградиме квалитетни кадри кои можат да одговорат на сите предизвици, да ги задржиме младите во нашиот град со понуда на подобри услови за живот, да ја зазелениме Битола, да го намалиме загадувањето на воздухот заедно, и секако да помагаме насекаде каде што можеме со заеднички проекти.

Кои се вашите планови за во иднина?

Нашите планови како што напоменавме се поврзани со создавање на квалитетни кадри кои можат да одговорат на сите предизвици (како инструмент за тоа го користиме Интерворкс Едукативен Центар) учење и совладување на најнови алатки и технологии, како и создавање на уште подобри услови за работа. Планираме и понатаму да се шириме низ Европа и секако да го надополнуваме нашето веќе богато портфолио следејќи ги трендовите во ИТ светот.

Ви благодариме Интерворкс и ете на крајот да испратиме еден апел до сите вас доколку сте во можност и сакате да бидете дел од овој успешен тим слободно да им се приклучите, бидејќи на сите треба едно да ни биди јасно дека НИЕ СМЕ БИТОЛЧАНИ И ЗА БИТОЛА МОРА МЕЃУСЕБНО ДА СЕ ПОДДРЖУВАМЕ.

https://interworks.com.mk/