Боби Поповски е уште еден од многуте битолчани кој несебично придонесуваат за афирмација на нашиот град, но живеат далеку во туѓина, во прекуокеанската Австралија. Овие денови тој е актуелен со неговата нова музичка нумера “Што ти згрешив Битола моја” . Преубавата нова песна која веќе започна да се изедначува со исто така неговиот мегапопуларен хит “Пусти мерак Ратке” беше причина да го контактираме и да му се заблагодариме за збогатување на фондот од убави песни за Битола…
Здраво од Бабам Битола, ако може мало инфо за вас?
Јас сум Боби Поповски, музичар, текстописец, сопруг и татко… Роден сум во Битола во едно ладно декемвриско утро, во далечната 1970, во старата Битолска болница, за тие што не знаат накарши денешното училиште Гоце Делчев.
Основно училиште учев во Коле Канински, следеше средно Медицинско, а потоа завршив Виша медицинска во Битола. После дипломирањето работев во Заводот за деца со оштетен слух “Кочо Рацин“ во Битола цели 2 години, за потоа во 1994 да заминам во Австралија (поточно во Бризбен), со сопругата и ќерката, каде што сум и ден денес…
Пред некој ден не восхитивте со вашата нова песна “Што ти згрешив Битола моја” ? Дали навистина Битола Ви има згрешено?
Ви благодарам за убавите зборови… Песната е напишана во 2008 година и како таква ја чував за некои подобри времиња, но пред некој ден решив истата да ја здогледа светлината на денот… Морам да спомнам дека идеата за песната, настана во 2005 година, (јас бев во Битола на одмор) онака спонтано додека муабетевме со мојот добар пријател и боем Велчо Петровски-Папалот и татко ми Коле, пиејќи кафе во ГТ близу Камен Мост. Имено Папалот, растен на улица Солунска и покрај реката Курделес низ муабет ми рече “ Боби напиши една песна за Битола, ама да има нешто зборој “меѓу две реки“…Тоа беше тоа… За три години подоцна, (кога надојде некоја моја инспирација) да го напишам текстот во фебруари, а месец дена покасно и музиката за песната “Што ти згрешив Битола моја”.
Ретко, многу ретко се случува да оставам текст толку долго без музика, особено кога имам инспирација (а имам многу и секогаш хаха) во еден здив пишувам прво текст , а одма потоа и музика. Многу пати, тоа е буквално половина час…
А инаку Битола ја носам во срцето и за мене е најубавиот град на светот и никогаш со ништо не ми згрешила, а се надевам ни јас нејзе…
Колку време се занимавате со музика и дали потекнувате од музичка фамилија?
Со музика се занимавам од кога паметам за себе, значи од најраните детски денови. Додека немав вистински инструменти, намештајот, кујнскиот прибор и тениски рекет беа мои гитари, тапани и се друго. Отсекогаш песната беше присутна во нашиот дом. Се сеќавам уште како мал, живеевме на ул.Маркс и Енгелс, 50м од кафичот Пајтон и кога имаше некој фестивал дали Сплит или Опатија или Београдско Пролече сите другари и пријатели на моите родители идеа кај нас да гледаат фестивал, затоа што бевме толку блиску до Корзото…
Татко ми ги купуваше најновите прво плочи, потоа и касети и секогаш беше живо и распеано дома.
На свои 15-16 години моите ми купија гитара Наклада Загреб, која ја имам и ден денес и оттогаш почнуваат моите посериозни почетоци со музика. Отсекогаш имав афинитет да компонирам своја музика. Уште во средношколските денови пишував свои текстови , а покасно и музика за истите.
Мојата прва група беше група Медиум, формирана после моето враќање од војска во далечната 1989 година. Ја формиравме јас и мојот најдобар другар и пријател Борче Наумовски. Постоевме неколку години, а потоа и двата преминавме во реномираниот оркестар Боцкин, во ресторантот Корзо под раководство на Битолската музичка легенда Борис Талевски Боцкинот. Прекрасни 2 години во истиот локал, а свиревме секој ден освен понеделник. Потоа 94 јас заминав во Австралија и останатото е историја…
Во мојата фамилија сите се музикални, татко ми Коле пее преубаво, мајка ми Соња исто пее многу убаво, брат ми Тони и свири гитара и пее. Моите две деца Соња и Мартин се исто така многу талентирани за музика. Мартин свири сѐ што ќе му дојде при рака и гитара и бас и тапани, а Соња свири на укулеле и пее прекрасно. Сопругата не свири ништо, но додека снимам или работам на некој свој проект, таа е најмеродавниот и најстрогиот судија. Многу пати знае од другата соба да ми рече, дека тој збор таму не оди или тој дел од музиката не е прикладен…
Од каде добивате инспирација за вашите песни и како е чувството да се компонираат песни за нашиот град?
Инспирацијата доаѓа без најава и не знаете каде ќе ве начека. Верувајте дека многу пати ноти идат во главата додека се туширам или додека возам, додека пијам кафе, па приморан сум да го забележам истиот напев во телефонот, затоа што јас како што знам многу пати да речам и без никаков срам “Јас сум неписмен музичар“, т.е. не читам ниту се служам со ноти. Но еве Господ ми дал талент тие ноти да ги прибележувам на некој друг начин, за да останат трајни…
Живеете далеку во Австралија. Колку далечината и носталгијата има удел во сето тоа?
Многу пати добивам слични кометари и прашања, од каде таа инспирација за елегичните балади, несреќните љубови, оставени и скршени срца и дали тоа е дел од некое мое животно искуство. Одговорот е не, затоа што никогаш незнам кога ќе надојде инспирацијата и таа не се најавува и не тропнува на врата, туку доаѓа ете така ненајавена. Јас никогаш не земам лист хартија и не одредувам за што ќе пишам, т.е што ќе биде темата. Едноставно перото ме носи таму, следејќи некоја муза од моите дамари…
Нормално тука има исклучоци каде што некои од моите песни се напишани по вистински животни приказни, како што е случајот со мојата песна “Пусти мерак Ратке“, која е вистинска приказна за мојата сега покојна тетка Ратка…
За Битола имам неколку свои песни, а “Што ти згрешив Битола моја“ е една од нив.
Австралија е преубава земја и мој дом последниот четврт век , но никогаш не може да биде моја татковина и моја земја, како мојата родна Македонија и мојата Битола. Туѓината е тешка , а кој не бил не знае… Имаме некој постабилен и да речам посигурен живот во финансиска смисла, но цената која ја плаќаме за сето тоа е превисока, верувајте…
Инспирација…Инспирација имам секогаш, но ја чекам баш убаво да надојди… Сега пред два три дена моја добра другарка, ме праша зачудувачки од каде ја црпам сета таа инспирација и дека имам хиперпрподукција во перото и во гитарата хаха…
Колкав е вашиот досегашен музички фонд и колку од тоа е за Битола и битолчани?
Досега имам близу 100 мои песни завршени, кои чекаат некои поубави времиња, посебно потенцирам за Македонската музика, која е во голема стагнација последните 5-6 години… Текстови што чекаат на ред имам сигурно уште толку. 20-тина мои песни се официјално изведувани на фестивалите низ Македонија, повеќето наградувани со прва и втора награда, а моја лична карта и мој првенец е песната “Пусти мерак Ратке“ која ете некако си го најде своето место и со потполно право можам да речам дека влезе во Антологиските песни во Македонската народна музика, жанр серенади.
Минатата година учевствував со своја песна на Хрватскиот фестивал “Вечери Далматинске писме“ одржан во Каштел, мало гратче недалеку од Сплит. Музиката беше моја, а текстот на моја драга соработничка Бисерка Бискуповиќ. Песната ја изведуваше клапа Жрновница.
Моментално работам на неколку проекти во Хрватска, а еден од нив е соработката со маестро Ивица Пливелиќ-Ива, фронтменот на групата “Тамбураши за душу“ и најдобар бас примаш во Хрватска.
Од кое место потекнувате во Битола и какви се вашите спомени?
Роден сум во Битола, пораснат како што спомнав и погоре на Битолското корзо, затоа што на Маркс и Енгелс живеевме до моја 6 година, а потоа покасното детство го поминав во нас.Карпош до свои 14 години. Потоа се преселивме кај Педагошка, близу Ремо.
Спомените од детството се психолошки и многу битен феномен кај секое дете и многу важен фактор за израснување и оформување на секое дете во здрава индивидуа. Јас носам најубави спомени од моето детство, од убавите жешки лета, полни со детски игри, до ладните зимски денови исполнети со многу активности…
Дали доаѓате почесто и кои се предусловите на пример да дојдете во Битола засекогаш?
Доаѓам во Битола секои 2-3 години , онолку колку што ми дозволуваат можностите, дали се тоа работни обврски или финансиски средства…Би сакал да можам да доаѓам секои 6 месеци или барем еднаш годишно, затоа што моите родители и брат ми со фамилијата се сеуште во Битола. Сите ми фалат, но мајка ми ми е најслабата точка и би сакал да ја гледам што почесто…
За враќање, никогаш не сум рекол “не се враќам“, затоа што ако тоа го речам , ќе нема веќе инспирација , ни живот во мене…Можеби, еден убав сончев ден и во некои поубави времиња за нашата Битола и Македонија воопшто…
Кое е вашето мислење за Битола и битолчани? Дали ќе доживееме еволуирање или ќе завршиме како Феникс?
Јас сум по природа оптимист и не сакам луѓе со негативна енергија околу себе, па оттука верувам дека Битола ќе доживее некој свој раскош, онаков како што и припаѓа само неа, онаков каков што заслужува. А јас искрено се надевам и се молам а истото… Затоа што е град со голема традиција, култура и еснаф луѓе, што би рекол јас по мое…