Сега е друго време.

Сега сите се пазиме.
Внимаваме каде и со кого и колку се движиме. Гледаме да поминуваме помалку време надвор а повеќе дома.
Ама, кај нас, од минатите години и од нашето сеќавање празниците секогаш убаво се славеле. Особено, зошто Битола е позната по гостопримливоста, самиот сјај кој поседува.

И сега кога шетам со маската на лицето која ме препотува, и со намачканите раце со средство за дезинфекција , се сеќавам како беше минатата година. Па и таа пред неа. Како било порано.
Кога за Бадник и Божиќ се подготувале најубавите трпези со традиционални специјалитети. Козињак, нешто пердувесто, кифлички и колачиња.
Трпези на кои се собрани по цели семејства од по десетина членови кои создаваат една пријатна галама.

Кој ќе кажи некоја приказна, а кој шега на своја сметка.

Па кафиња, па ужинка, па се по ред.

Како на Бадник посната трпеза е спремна, тивката музика во позадина, а во дневната соба едно бадниково гранче земено од некоја црква утрото.
Како Широк Сокак е преполн со верници кои после утринската посета во црква се враќаат дома.
Како наредното утро Божиќ се слави.

Раѓањето на Исус Христос. Како тогаш Битола е насекаде прочуена по пријатната атмосфера. Како семејствата одат да го испијат првото празнично кафе во некое кафуле.

Како ручекот трае со часови.
Како животот од момент во момент станува повесел.
Ете така секогаш било. А можеби и пак ќе биде.
Ама не и оваа година.
Оваа година се ќе биде поинаку.
Ќе бидеме само најблиските членови на семејството.
Но сепак ќе биде празнично.
Коледари, па и колачи.
Греено вино и добра смеа.
Пријатна атмосфера и една љубов.
Затоа што, ова е Битола.
Дури и денес кога е вака.

Марија Стојановска (15)