Mанастирот „Свети Ѓорѓи“ е православен манастир во близина на битолското село Велушина. Административно манастирот му припаѓа на Преспанско-пелагониската епархија на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Манастирската црква била изградена во 1839, а живописана во 1848 година.

Местоположба

Манастирот Свети Ѓорѓи се наоѓа на неполни 2 км западно од селото Велушина, на едно возвишување од каде се гледа целиот јужен дел од Пелагониската Котлина. До манастирот води тесен асфалтен пат, што овозможува многу добра комуникација со селото. Во комплексот се влегува низ големата манастирска порта, вклопена во приземниот дел на конакот, изграден јужно од црквата.Храмот Св. Ѓорѓи претставува релативно мала трикорабна градба поставена кон средината на манастирскиот двор. Од југоисточниот агол, црквата е надвишена со камбанаријата изведена од делкан камен. Во светилиштето се влегува низ тремовите од јужната и западната страна. Според натписот исклесан над западниот влез, градбата била подигната во 1839 година.

Фрескоживопис

Над јужниот влез, во внатрешноста на храмот, постои опширен натпис во кој се внесени важни податоци поврзани со сликањето на црквата. Во натписот се испишани сите оние кои помогнале да се наслика овој свет храм. Испишана е и годината 1848 како време на изработката на живописот. Живописот бил дело на Јован Зограф кој самиот за себе кажува дека по потекло бил од селото Хјонатон или Хјонадес, но дека оттаму се преселил во Трново. Во насликаната програма Јован Зограф во долниот појас , вообичаено ја поставил галеријата на стоечки светители во цел раст. Во горните партии се сцените со претставите на Христовиот живот и страдања. Заслужува внимание илустрирањето на сцени од детството и успението на Св. Богородица како и од поетската композиција позната како Акатистот на Богородица. На темето од полукружниот свод се поставени во медалјони допојасните претстави на Св. Јован Крстител, малиот Исус обележан како Емануил како и Христос Пантократор или Седржител. Над иконостасот се претставени Светото Тројство и тоа Господ Саваот, Исус Христос и Светиот Дух. Стилот на Јован Зограф е импресивен, на многу места успешно ги соединува традиционалната поствизантиска иконографија и новите решенија инспирирани од западната уметност кои продираат на нашиве простори веќе од втората половина на 18 век. Неговите композиции како што се на пример сцените од Христовиот живот или од Акатистот на Св. Богородица исполнети со многу учесници, изнесени во еден раскажувачки стил, со многу детали.

Иконостас

Иконостасот во црквата, кој го одвојува олтарниот простор од централниот дел, исполнет е со икони работени од повеќемина зографи. Според стилските карактеристики, изгледа дека претставата на Архангел Михаил врз вратата на северниот дел од иконостасот е дело на Јован Зограф, авторот на ѕидното сликарство. Од првата половина на 19 век е датирана и големата икона на Св. Ѓорѓи, патронот на храмот. Другите престолни икони како и иконостасниот крст, стилски се блиски со творештвото на браќата Константин и Димитар Анастасови од Магарево. Од нив најверојатно се и насликаните медалјони со претставата на Благовештението врз царските двери украсени со резба. Иконите од горниот ред на иконостасот, вкупно 15, со сцени од животот на Христос, се карактеризираат со една поинаква ликовна и колоритна звучност во однос на другите дела. Според Ристо Палигора, впечатокот е дека корените на овој ликовен пристап со тенденција кон идеализирање и сцени поставени во перспектива низ класицистички архитектонски форми, се инспирирани од примери на постарите западни мајстори од другата страна на Јадранот, чија уметничка филозофија била блиска на ренесансната уметност.

Средочна света вода во близина на Манастирот

Во близина на самиот манастир на околу 100 метри има и средочна света вода, која е света секоја среда. На оваа место, од оваа вода многу граѓани од Битола и Македонија имаат видено арно за што се останати нивните раскажувања кои домаќинот Стево ни ги пренесе нас, а најповеќе се однесува на добивањето на челад. Како последен случај се близнаците на битолска фамилија, машко и женско кои се родени после пет години брак. Како специфичен и впечатлив случај е и добивањето на челад на албанска фамилија од блиското село Велушина кои по 15 години добија за прв пат деца посетувајќи и дарувајќи го овај Манастир, со палење свеќи и сите адети, мимо разликите и обичаите кои ги има во двете вери.

Инаку Манастирот св. Ѓорѓи кај Велушина во секое време е отворен за сите. Тука имате и соби за преноќување, голем трем и маси со столици. Имате место каде можете да ја подготвите и вашата скара додека за децата има голем двор каде безгрижно можат да уживаат во нивната игра. Во договор со домаќините можете да закажете крштевка, венчавка и друга веселба.

За повеќе информации побарајте го Стево Петров кој е домаќин на Манастирот на тел. броеви 071-209-833 и 076-470-575.


Извори за текстот

Палигора, Ристо (декември 2011). Студија за поврзување и промоција на манстирскиот туризам на Баба Планина (PDF). Битола: Центар за развој на Пелагонискиот плански регион. стр. 30.↑ Палигора, Ристо (декември 2011). Студија за поврзување и промоција на манастирскиот туризам на Баба Планина (PDF). Битола: Центар за развој на Пелагонискиот плански регион. стр. 31., Википедиа, Брошура од Манастир св. Ѓорѓи кај с. Велушина

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here