Ројал беше позната надалеку билијардска сала на браќата Чукалковци, по потекло од Смилево. Кафеаната имаше и летна бавча што излегуваше на Широк Сокак бр.80 (зградата која ние битолчани ја познаваме како зградата на ОЗНА, во која агентите од таа структура добија државни станови)…

Хотел Ројал на Широк Сокак, градбата од лева страна (сега станбена зграда)

За време на Втората светска војна „Ројал“ работеше како ресторан со музика каде повремено беше ангажиран виолинистот Левако. Есента на 1943 година во полната сала на „Ројал“ со домашна публика и бугарски офицер, во поодминатите ноќни саати се случи голема тепачка. Искра што ја запали атмосферата на закрвавени погледи меѓу двете популации, домашните и офицерите, во алкохолизирана состојба, кревајќи чаша еден битолчанец ја спомна Америка („Ројал“ беше изграден со печалбарски пари од Америка).

Летната бавча на Хотел Ројал на Широк Сокак

Штом беше спомната Америка, бугарските офицери рипнаа и се нафрлија на таа маса од каде дојде здравицата. Ова беше прелевање на чашата и сите домашни рипнаа. Настана големо меѓусебно толчење во кое Бугарите го извлекоа подебелиот крај, а брзо стигнаа обете полиции, и воената и цивилната, си ги прибраа истолчените но и другите од цела кафеана на жесток „распит“.(сеќавање на Такец во Перформансите на Широк Сокак)

Преку оглас во српски весник далечните 30-ти години сопственикот го издава хотелот под бесплатен наем само тој да продолжи со истата намена и работа.

Широк Сокак не е видно изменет и воглавно е задржан благодарение на др.Калаузи, која е друга приказна- (Како др.Калаузи го спаси Широк Сокак).

Од постарите раскажувачи и хроничари како Такецот останаа мали “парчиња” сеќавања кои се надеваме дека заедно со вас ќе ги крпиме едно со едно и заеднички ќе ја составиме некогашна конзулска Битола.

Врати порака

Please enter your comment!
Please enter your name here