Ѓорги Ѓоргиев Ѓоко е уште еден наш битолчанец и птица преселница кој од далечна Австралија продолжува да твори и компонира песни за Битола, заради кои нашиот град сеуште гордо го носи неговото почесно место како најопејан град на светот. Во секоја од нив има по некоја солза, разделба, копнеж по родниот крај и абер од туѓина…
Здраво Ѓоко. Пред некое време ни подаривте “Песна за Битола” и со тоа оставивте и вие мало наследство во богатиот фонд песни за најопејаниот град на светот, фонд за кој сеуште не се најде некоја наша компетентна институција да го собери на едно место. Ако може кратко инфо за вас, датум, раѓање, образование и работа?
Роден сум на 5-ти Јуни 1956 година во Битола, Република Македонија.
Во родниот град се стекнав со целокупното мое образование, основно , средно и дипломирав на Педагошката Академија во 1976 година.
Каков беше вашиот живот во Битола и дали уште тука се занимававте со музика?
Мојот живот во Битола беше едноставен и убав сличен на многу мои сограѓани. Се радувавме на детските игри во маалата, кога ќе одевме на училиште, на театар и кино.
Со музиката конкретно со пеењето се занимавам од најмладата возраст особено во основното училиште каде често пеев македонски народни песни. Покасно како тинајџер како пејач на забавна музика ќе настапувам во офицерскиот дом на Битола и разни други културни и забавни манифестации.
Колку време сте во Австралија и дали далечината заедно со носталгијата се виновници заради кои компонирате убави песни за Битола ?
Во Австралија живеам со своето семејство повеќе од 40 години, но многу често доаѓаме во Македонија во Битола.
Знаете и колку да ви е убаво некаде во светот родната земја, родното место постојано како магнет те влечат, и се длабоко врежани во меморијата во срцето и ме мотивираат да компонирам песни за Битола како “Песна за Битола”
и “Старата битолска чаршија”
Каков е вашиот успех таму и зошто и кога одлучивте да ја напуштите Битола?
Во Австралија , во градот Сиднеј пристигнав во 1977 год. и се вработив како наставник по македонски јазик во саботните училишта. Малку покасно се вработив како редовен наставник во државното основно училиште Newtown Public School – Newtown. Значи во таа учебна 1977 година за прв пат во Австралија се изучуваше македонски јазик од прво до шесто одделение во редовна настава. Во таа пионерска година го уредив и првото детско списание на македонски јазик во Австралија со име “Сонце”. Бидејќи овој проект траеше само една година, продолжив со работа во македонските саботни основни и средни училишта и бев активен член на Македонскиот просветно училиштен одбор за Нов Јужен Велс, во1988 година претседател и повеќе години како потпретседател и автор сум на два учебници по македонски јазик: “Сонце 1” и “Сонце 2”, издадени и отпечатени од Македонскиот просветно-школски одбор за Нов Јужен Велс Австралија.
На културно и уметничко поле свој придонес давам и македонските радио програми “Неделно попладне”, Во среда навечер” и саботната “Радио панорама”.
Колкав период се занимавате со музика и колку од неа е направена за Битола?
Со музиката продолжувам во Австралија од самото доаѓање. Тука почнувам да се афирмирам како пејач и автор на македонски фолк песни снимени од 1989 па до денес на разни носачи на звук на неколку касети , три ЦД-ња и ДВД видео спотови.
Како пејач три пати сум учествувал на Фолк Фест Валандово во 1991, 1994 и 2005 и други фестивали во Република Македонија и Австралија.
Дали често не посетувате назад и какви се вашите чувства за родниот крај?
Многу често доаѓам во Македонија. Најчесто повод било учество на некој фестивал но и приватни посети. Така минатата година со Петар Нечовски ја снимивме во дует песната “Другари стари”, чиј автор сум јас.
Што моментално ви пречи во Битола и мислите дека треба да се поправи?
На Битола и се потребни одредени проекции и планови за економски развиток , отворање на нови фабрики, туристички проекти, нов модерен аеродром и други проекти кои би создале услови за вработување на младите луѓе. Подобрување во образованието, здравството, сигурноста. Младите порано да склучуваат брак.
Да се врати детската врева по сокаците.
Дали некогаш повторно би се вратиле засекогаш да сте повторно заедно со Генерација 1973?
Ние сме како птиците преселници стално се враќаме во родното гнездо и ќе се враќаме , јас за генерацијата од 73 а други за својата генерација.