Синоќа во Интимниот театар во Битола се случи премиерата на најновата документарна театарска претстава „ЖЕНИ“, која што е правена по текстови на жени кои биле болни од рак.
Улогите ги толкуваа токму тие, раскажувајќи ја својата приказна за битката со ракот и за тоа како го победиле.
Режијата е на Софија Ристевска-Петрушева, кореографија на Кире Миладиноски, видеоматеријали – Диоген Хаџи – Коста Милевски и фотографии на Петар Тасевски. Играат Невена Стерјевска, Катерина Петровска, Трендафилка Киклевска, Зорица Цибалевска.
Од 2014 година во „Хотел театар“ Битола, функционира Здружението за поддршка на жени болни од рак „Одраз“, во чиишто рамки до денес учествувале над педесетина жени болни од рак, коишто ја преживеале болеста или сè уште се борат со неа. Состаноците на групата ги водат психијатар и д-р на науки Гордана Ристевска-Димитровска и психолог Билјана Атанасовска-Видановиќ. Во 2017 година во „Интимен театар“ Битола, по идеја на режисерката Софија Ристевска-Петрушева, почна иницијатива за создавање театарска претстава во којашто ќе учествуваат, ќе глумат, жени од групата, зборувајќи за болеста и за нивната битка со неа. Ова лето конечно се реализира конкретниот проект – театарска претстава, којашто се создаде по документарни текстови од самите жени.
Во претставата учествуваат Невена Стерјевска, Катерина Петровска и Трендафилка Киклевска, кои ја споделуваат својата борба со ракот на дојка и ракот на матка, како и Зорица Цибалевска, којашто минатата година ја изгуби својата мајка Летка Андреевеска, којашто беше голем поборник за создавање уметност како начин за борба против депресијата кај болните од рак.
Нивната основна цел е со овој проект да ја подигнат свеста за редовни прегледи, што би довело до брзо дијагностицирање на ракот, со што би се намалила огромната бројка на заболени од рак, посебно во нашиот Пелагониски Регион.
Претставата е финансирана од Општина Битола во рамките на Бит фест.
фото: Диоген Хаџи – Коста Милевски
Извор Тера ТВ