Кратко варен па печен ѓеврек – омилен доручек на битолчани. Крцкав од надвор, а мекичок од внатре, милина. Еве како да си подготвите домашни варени ѓевречиња.
Состојки:
- 1 кг брашно
- 1 квасец (40 g)
- 2-3 лажици масло
- 1 лажичка сол
- 1 лажичка шеќер (неполна)
- 400 г сусам
- 2-3 лажици мед.
Подготовка:
- Ставете го квасецот со шеќерот во сад за месење и додадете околу 100 мл млака вода.
- Откако ќе се раствори и активира квасецот (со повремено мешање за да се стопи побрзо), додадете 400 ml млака вода, брашното, солта и маслото.
- Месете го тестото додека не престане да се лепи на рацете и додека не е доволно мазно.
- Поделете го тестото во мали топки, во зависност од саканата големина на ѓевреците. Секоја топка развлечете ја за да добие долга форма, која потоа се поврзува во круг.
- Веднаш ставајте ги ѓевреците еден по еден во зовриена вода каде што сте додале мед, нека поварат минута-две и извадете ги кога ќе се подигнат од дното на садот кон површината.
- Извадете ги од вода со помош на голема кујнска лажица со дупки и ставајте ги директно во сад со сусам. Потоа веднаш ставајте ги на подмачкан плех или на хартија за печење.
- Кога тавата е полна, ставете ја да се пече на 250 степени додека убаво не се испечат. Служете ги топли! На здравје…