Со објавување на моите фотографии сакам да ги запознам младите генерации за Фото Папакоч и да ги поттикнам да ги објават и своите фото спомени“…започнува нашиот денешен соговорник Јанаки Папакоч, еден од наследниците на познатата битолска фамилија Папакоч, која долги години оставаше фотографски белег кој до ден денес како спомен го носат битолските фамилии во нивните богати фото колекции на нивната задна страна.

Фотографирањето кај Папакоч бил посебен и многу важен дел и ритуал кој барем еднаш годишно го негувале битолските фамилии, фотографирајќи се за Нова година, Велигден или друг важен настан.

„Фотографскиот занает во мојата фамилија го започна мојот дедо Јанаки. Неговиот дуќан се наоѓа на Широк Сокак“…продолжува Јанаки

„Она што е интересно за неговите почетоци е тоа што во тоа време во Битола сеуште немаше струја и затоа фотографирањето во атељето се вршеше на горниот кат на дневна светлина.

Инаку нашата фамилија потекнува од с. Гопеш, за што дедо ми Јанаки ми остави еден колаж на кој се фотографиите од Гопеш, неговата родна куќа, неговите мајка и татко а и тој со петте сестри.

Во албумот на мојот дедо има многу фотографии, скапи спомени, како што тој ги нарече а јас одвоив неколку на кои е тој со баба ми Александра.

Дедо ми Јанаки и баба ми Александра имаа два сина Коста и Димитар – Таќи кои го продолжија фотографскиот занает, а ова е нивна фотографија од 1934 година.

Од албумот е и фотографијата на која јас сум бебе со моите родители и мојата баба и дедо.

Куќата на мојот дедо Јанаки се наоѓа наспроти Радио Битола што се гледа од фотографијата на мајка ми со баба ми и на другата на која е мојот дедо Јанаки.

Јас сум пораснат во атељето на дедо ми Јанаки каде заедно работеа дедо ми и татко ми тоа значи негде до 1960 година.

Се надевам дека ќе наидеме на интерес кај тие што ќе ги гледаат овие фотографии кои за нас зборуваат многу. Мојот дедо беше многу педантен, мајстор за фотографии а и модерна облека. Фотографијата во влашка народна носија ја испратив затоа што кажува за неговата голема почит кон традицијата“… за крај ни раскажа битолчанецот Јанаки Папакоч кој посака доколку битолчани имаат стари фотографии од Фото Папакоч истите да ги споделат со нас.

Еве и една фотографија од 1933.
На фотографијата се Александра и Јанаки Папакоч, од лево Димитар , од десно Коста и во средината нивната сестра Драга.

И сега, дури по пет децении сеуште го паметам Широк Сокак со Папакоч на ќошот каде задолжително ја правевме нашата заедничка фамилијарна фотографија… Јас, мајка ми, татко ми и брат ми… Или јас и брат ми. Иако некаде зафрлена, сеуште пред очи ми е позата од нашата заедничка фотографија направена кај Папакоч, од времето на нашето детство. Тој помал, онака убав, со русо перче од косето, кренато нагоре и измазнето со ливанто, со рачно исплетен џемпер и со рацете во џебот, шизик. Крцка од убавина. Косето кренато нагоре,со детско озбилен поглед, очите вперени во апаратот што стои на три ногари. Едното раче го ставил во џебот, со другото мене ме придржува. Панталоните сиви, испеглани на цакса, конте наконтено…



Под џемперчето сива боја, рачно исплетено, кошулче со вратоврска, маже. Ти се чини ќе зборни…
Јас повисока од него, со штотуку паднати млечни заби, озбилна, без насмевка, за да не се види дека ми недостасува некој заб. Со фустанче сива боја, поткусено, сошиено од мајка ми, а на ракавите и околу јакната тантелче. Во едната рака држам кошница со вештачки цвеќиња, задолжителен декор од фотографскиот дуќан на Папакоч, онака за да изгледаме некако посвечено. Косата тазе измиена зафатена во прцле со машничка…
И двајцата гледаме во апаратот и чекаме да излета пилето….
Фотографија која сигурно е направена во сабота и послем овај овековечен настан родителите не однеле на ќебапи кај Османли,


впечатливо опишува битолчанката Гордана Такец во нејзината книга “Од мојата душа”.

Ние сме тука да ги склопуваме деловите, да го прераскажеме тоа што ќе ни го раскажите вие, да ги споделиме вашите фотографии кои имаат бесценета вредност враќајќи се назад низ времето и спомените.

Голема благодарност до Јанаки Папакоч