Една позната изрека вели: Во здраво тело, здрав дух или здрав ум. Физичката активност не го подобрува само физичкото здравје туку помага и во одржување на квалитетен психички живот. На прв план секако дека доаѓаат физичките придобивки од редовното вежбање, како намалување на телесна тежина, зголемување на мускулна маса, зголемен имунитет и сл. Но ова се само дел од причините поради кои вреди активно да се занимаваме со спорт. Овие причини не се единствените мотиватори за што вреди да се применува физичка активност, туку и зголемена енергија, подобар сон, подобра самодоверба, оптимизам, позитивно расположение, подобро менаџирање на стресот, зголемена самоконтрола, дисциплина, превенција од анксиозност, депресија, зголемена концентрација и помнење, зајакнување на срцевиот мускул, подобрена крвна слика, намалување на лошиот холестерол, триглицериди како и намалување на покачените трансаминази, нормален хормонален статус, решавање на проблеми со полицистични јајници, избегнување на зависности како и ред други бенефити.

Александра Мицевска

Како еден пример, една студија од Харвард Универзитетот, вели дека одењето 1 час или трчањето 15 минути дневно, го намалува ризикот од сериозни облици на депресија.

https://jamanetwork.com/journals/jamapsychiatry/fullarticle/2720689

Психичкиот живот на човекот е мошне богат, сложен и динамичен. Тој се состои од повеќе психички појави како што се: психички процеси, психички особини и психички состојби.

Психичките процеси се делат на:

интелектуали процеси (когнитивни процеси) – (перцепции, учење, помнење, внимание, мислење, говор)

емоционални процеси – кои се однесуваат на начинот на реагирање (емоции и чувства)

мотивациони процеси (конативни процеси) – кои се однесуваат на поттикнувачите на активност и на човековата волја и свесна желба да направи нешто.

Психички особини се: навики, ставови, способности, темперамент, карактер, интереси. Тие се развиваат кај човекот под влијание на наследните или стекнатите фактори и претставуваат релативно трајни одлики на човекот.

Психички состојби се: внимание, расеаност, замор, загреаност, емоции и чувства што го определуваат одвивањето на психичките процеси, нивниот интензитет и брзина.

Целината на психичките појави се нарекува личност. Професионалецот кој се грижи за психичкиот живот на спортистот се вика спортски психолог. Свесноста и одговорноста на спортистот се важни предуслови за постигнување на успех. Кога мислам на лична одговорност на спортистот мислам на важноста спортистот да ги знае и да ги применува советите и насоките од тренерот и психологот при реализирање на неговата спортска активност но и надвор од неа. Физичката подготовка е тесно поврзана со психолошката подготовка. Исто како што нема здравје без ментално здравје така и елементите на психолошката подготовка се клучни за квалитетот на живот на спортистот но и неговиот спортски перформанс. Под психолошка подготовка се подразбира поставување на цели (мерливи, реални, конкретни и временски ограничени), работа на самодовербата преку реализирање на одредени задачи, цели преку кој спортистот ќе добие доверба во себе и во своите способности дека може да надмине, совлада одредени предизвици., работа на техники за подобрување на вниманието, релаксациони техники, стимулативни тренинзи и визуелизации, учење на вештини за емоционална регулација, негување на трпеливост, дисциплина, самоконтрола и безусловно прифаќање. Важно е да се напомене дека на менталното здравје на спортистот влијаат неговите уверувања, методолошкиот пристап на неговиот тренер како и стручната работа на психологот. Резултатите од било кој спорт па и од овој не доаѓаат веднаш, потребна е истрајност во редовното вежбање и следење на планот за исхрана што од друга страна ја зголемува трпеливоста кај личноста. Во животот се среќаваме со ситуации во кои што треба да сме трпеливи, истрајни и борбени.

Јас пред да почнам со овој спорт се осеќав со недостиг на енергија, лесен замор, чувство на неистрошеност, болки во грбот како резултат на седечкиот стил на работа, ниско железо и хемоглобин како и ослабен срцев мускул. После три месеци од вежбањето ги видов првите резултати во крвната слика, имав подобар сон, повеќе енергија, организиран ден, исчезнаа болките од грбот, моето тело почна да се менува. Сега после една година се осеќам многу подобро и физички и психички. Научив правилно да вежбам, да се хранам и најважното го најдов своето хоби. Благодарност до мојот тренер Борче Трпковски.

Автор:

Александра Мицевска

Лиценциран психолог, Гешталт терапевт под супервизија