Доц. м-р Роберт Јанкулоски

БИТОЛА ВИА ДЕБАР OД ГЕОГРАФСКАТА ИЛУЗИЈА НА ОШАВКОВИ

Битолската фотографска меморија ќе беше посиромашна без фотографиите на Ошавкови, но не само битолската меморија туку и македонското фотографско наследство. Благодарение на совеста на семејството Ошавкови (нивните наследници) зачувани се голем број фотографски материјали коишто потекнуваат од самиот почеток на 20ти век cé до седумдесеттите години на истиот. Во оваа прилика би сакал да им се заблагодарам на Добрила Поповска, ќерка на Зафир Ошавков, која ни ги отстапи овие вредни материјали, и на Младен Топаловски, внук од втората ќерка Лилјана, кој се согласи со одлуката на Поповска. Збирката Ошавкови, којашто се чува во Македонскиот центар за фотографија, брои: 9518 стаклени плочи (негативи), 449 план филмови и 446 оригинални фотографии. Помал број стаклени плочи и големоформатната студиска фотокамера се чуваат во Кинотеката на Македонија. Покрај оригиналните фотографии и стаклени плочи, збирката на Ошавкови вклучува и друг фотографски материјал како: фотографска литература, документи, писма и фотографска реквизита со чијашто помош имаме целосен увид не само во работата на Ошавкови, туку и во развојот на фотографијата во тоа време.

Фотографија од фотографското студио на Ошавкови

Семејството Ошавкови потекнува од Дебар, а прв член којшто се занимавал со фотографија е Baсил Ошавков, татко на фотографите Зафир и Фердинанд Ошавкови кои го наследиле неговиот занает. Кога станува збор за авторството над фотографиите, не може со точност да се определи кој од тројцата фотографирал одредена фотографија. Иако во периодот по 1924 година најчесто фотографирал Зафир, бидејќи Васил бил болен а, според кажувањата, Фердинанд му помагал на Зафир околу ретуширањето на негативите, сепак, можеби најправилно е овие фотографии да ги третираме како производ на фотографската работилница Ошавкови.

Печатот, симболот на нивните фотографии

Васил е роден во Дебар 1872 година. Покрај синовите Зафир и Фердинанд, Васил имал уште четири деца: Петко, Круме, Ратка и најмалата Верка. Се претпоставува дека фотографскиот занает го изучил во Браила (Романија) по што на почетокот на 20. век отворил фотографско студио во Дебар. Најстари сочувани фотографии, снимени во Дебар од страна на Васил, се оние од неговото семејство. Меѓу нив се издвојуваат извонредната документарна фотографија на неговите пет деца, снимена пред нивната куќа, и групната фотографија на ученици која е датирана од 1910 година. Во 1919 година семејството Ошавкови се преселува во Битола каде што продолжи да се занимава со фотографија. Извесно време работат во импровизирано студио и фотографираат на терен, а во 1924 година изградија голем фотографски дуќан во Старата битолска чаршија. Дуќанот се наоѓал во центарот на познатиот Пекмез пазар, а во изградбата финансиски им помогнал најстариот брат Петко кој бил на печалба во САД. Од сочуваната пишана документација дознаваме дека истата година (10.10.1924) Петко починал во Фрешспин (Пенсилванија). Неговата смрт ги погодила сите членови на семејството, но најмногу таткото Васил којшто cé до неговата смрт во 1942 тшша не можел да се помири со реалноста дека го изгубил најстариот син. За нивната блискост сведочат и седумдесетте сочувани писма, испратени од Петко до семејството во Битола. Од овие писма дознаваме дека Петко, додека престојувал во Солун кога чекал да отпатува за Америка, во неколку наврати му испратил фотографски материјали на својот татко, а од кореспонденцијата дознаваме дека Петко, исто така, се разбирал во фотографскиот занает затоа што прецизно зборува за одредени фотографски хемикалии.

Семејната куќа на ул. Јане Сандански каде некогаш живееја

Новоизграденото студио имало корисна површина од сто квадратни метри и било опремено со најсовремена фотографска опрема и реквизити во тоа време. Во студиото се вршеле најразлични снимања, но најчесто тоа биле портрети за секаква намена. Покрај поединечни портрети за документи, во студиото се правеле портрети-фигури и групни фотографии. Некогаш биле снимани и по дваесетина личности на една фотографија. Овие сочувани фотографии и стаклени плочи сведочат за големината и опременоста на студиото, а квалитетот на истите зборува за умешноста и креативноста на фотографите.
На почетокот аудиото било регистрирано на име на Васил и гласело „Фотоателје В. Ошавковиќ Битољ”, подоцна „Фотоателје В. Ошавковиќ и синови Битољ” а по неговата смрт студиото е регистрирано на синовите и за време на бугарската окупација гласи Фото „Студио” Браќа Ошавкови“. Битолското студио на Ошавкови претрпува неколку промени во поглед на ентериерот и на фотографската реквизита, како и повеќето фотографи од тоа време, користеле насликано платно како заднина и повеќе различни столици, масички и други предмети. Во текот на работата биле променети неколку заднини, a no 1945 година насликаните.

Денес, при копирање на одредени стаклени плочи, се добива впечаток дека за време на фотографирањето не воделе сметка околу композицијата во вториот план. Но, кога ќе се погледнат фотографиите изработени непосредно по снимањето од самите мајстори, се гледа дека тие посветувале големо внимание при изработката на позитивите. Кај повеќето фотографии заднината е затемнувана „декувана” или избелувана. На вака обработената заднина, со помош на шаблони или со светлосни или хемиски интервенции, додавани се најразлични шари. Честопати знаеле да претераат со овие интервенции и „сликата” добиена како краен резултат да поседува занемарливи фотографски квалитети. Но, зачувани се и такви негативи коишто се блиски до најдобрите документарни портрети снимени во студио во тоа време. Една од нив е фотографијата „Пеливани” која датира од триесеттите години на 20 век. На фотографијата се двајца борачи, пеливани. Татко и син? Учител и ученик? Двете фигури се до половина голи, облечени само во боречки, кратки, кожени панталони. Природната поставеност на портретираните и сјајните делови на панталоните, и делумно на телата, оставаат впечаток дека истите се снимени непосредно пред или по борбата? Насоченото странично светло ги истакнува мускулестите тела на пеливаните. Ако се анализира навидум несредениот втор план ќе забележиме дека станува збор за грижливо наместена заднина. Поставеноста на двата предмета (столица и висок постамент со ногари) ја нарушува композицијата, но придонесува во природноста на сцената, а со тоа ја зголемува документаристичката вредност на фотографијата. Црните завеси, кои делумно го прекриваат насликаното платно, фотографот ги поставил вертикално зад секоја фигура и успешно го одвоил објектот на интерес од заднината.

Постариот син Зафир (Дебар, 1905 Битола, 1996) фотографскиот занает го научил од својот татко, а во 1928 година работел во Скопје во ателјето на скопските фотографи, браќата Арсиќ, кои во тоа време биле познати фотографи и поседувале големо студио во центарот на градот. Имено, на 21 март 1928 година во Скопје се одржал голем собир на фотографите од цела Југославија на којшто учествувале Васил и Зафир, по што Зафир останал извесно време во Скопје. Во овој период се запознава со начинот на работа во ова студио, а искуството стекнато кај браќата Арсиќ го пренесува и во сопственото ателје, по враќањето во Битола. Мајсторскиот испит го положил на 25 мај 1938 година во Битола по што се стекнал со право да отвори сопствен дуќан. Според Декларацијата од 21.08.1941 година, којашто Зафир ја дал на бугарските власти со цел да продолжи со работа, е наведено дека е сопственик на дуќан три години, што значи дека веднаш по добивањето на Мајсторското писмо фотографското студио го регистрирал на свое име каде што како партнер се појавува помладиот брат Фердинад. Ова значи дека Зафир мајсторскиот испит го полагал формално, со цел да го регистрира дуќанот на свое име затоа што таткото Васил бил болен и тешко подвижен. Од истата декларација дознаваме дека Ошавкови во тоа време располагаат со четири фотографски камери. Една од овие фотографски камери е произведена кон крајот на 19. век, а Ошавкови ja купиле по доаѓањето во Битола, во 1920 година, од некој калуѓер од Света Гора. Во ова студио Ошавкови работеле cé до 1948 година кога бил урнат тој дел од чаршијата, а со тоа и нивниот дуќан.

Ова е можеби и најплодниот период од нивната работа според сочуваниот материјал. Најголемиот дел од стаклените плочи снимени се меѓу двете светски војни. Плочите се со различни димензии (6,5х9 см, 9х12 см, 10х15см, 12х16,5 см, 13х18 см) и изработени се од различни фотографски производители. Меѓу снимениот материјал преовладуваат студиските фотографии, пред cé портретите Исто така, постојат стаклени плочи снимени во екстериер во т.н. импровизирано студио. На овие фотографии прикажани се семејства, парови (зет и невеста) и поединечни фигури. Тие се снимени во Битола и во околните села. Најверојатно еден дел од нив е снимен по самото доаѓање на Ошавкови во Битола, пред да го отворат студиото. При снимањето на овие фотографии користеле различни импровизирани заднини, пред cé, ќилими што ги оптегнувале на ѕид и пред коишто ги поставувале личностите кои ги снимале. Во овие ситуации користеле и додатни реквизити како што се: масички, цвеќе и сл. како и предмети што ги држат в раце снимените личности. Фотографиите ги снимале под сенка со цел да добијат дифузна светлина и повеќе детали на лицата на снимените. Ќилимите и разните ткаени предмети во овие фотографии немаат само улога на заднини, туку и самите претставуваат елементи во фотографската композиција. Овде би ги издвоиле фотографиите: „Групен портрет на муслиманско семејство“, „Жена во народна носија со стомна во рака“, и неколкуте фотографии на зет и невеста. Ошавкови ја овековечиле и некогашната битолска чаршија со чиј еснаф соработувале сиот свој работен век. Зачувани се стаклени плочи на кои се снимени: месари, кројачи, дограмаџии, слаткари, бакали и други протагонисти на чаршискиот живот. Преку фотографиите на Ошавкови со точност може да се констатира кои cé занаети егзистирале тоа време во Битола. Исто така, преку нивните фотографии се добиваат информации и воопшто за начинот на живеење во Битола. Преку двете фотографии на коишто се прикажани танчерки, снимени со музичка тајфа, Ошавкови го доловуваат кафеанскиот живот од триесеттите години на дваесеттиот век. Фотографиите снимени за време на курсевите по кроење и шиење организирани од фирмата „Сингер“ даваат информации за начинот на облекување и за моделите што биле во мода тоа време. Друга фотографија прикажува ситуација пред една работилница за мебел. На неа се снимени шест фигури покрај готови парчиња мебел. Интересно е тоа што во одразот на огледалото, кое е дел од една наткасна, се појавуваат уште четири фигури на лица коишто го набљудуват чинот на фотографирање.

По уривањето на Пекмез пазарот, а со тоа и на фотографскиот дуќан на Ошавкови во 1948 гоцина, Зафир добива дозвола за отворање на фотографско студио на ул. Јане Сандански бр.9 (до слаткарницата „Шехерезада“) (дозвола бр.553 Од 12.02.1951]. Во овој дуќан Ошавков ќе остане до почетокот на осумдесеттите години, односно до неговото пензионирање. Од сочуваните документи може да утврдиме дека и помладиот брат Фердинанд (1910, Дебар 1996, Битола) имал овластување за отворање на самостоен фотографски дуќан [6p 522/45 од 07.12.1945] но, поради државната служба не се занимавал понатаму со фотографија, туку само му помагал на братот во неговата работа.

Денес нивниот некогашен дом е синоним за една реновирана битолска куќа која оддалеку плени со нејзината убавина и правилна реставрација. Куќата беше напуштена повеќе години и искрено не се надевавме дека повторно ќе го врати нејзиниот сјај кој сега е одраз на домаќинлукот на сегашните газди. Нив навистина им честитаме за сето тоа што го направија и замислете без ниту една шајка настрана, отпоќе или како што знаат нашите уништувачи на градските битолски фасади без обесен компресор од климатизер. Забележавме дека еден дел од неа се издава, па затоа кој е заинтересиран во куќа со историско минато и домаќини газди нека си повели.

А илјадниците фотографии на Ошавкови за кои замислете едвај најдовме една, нека стојат во македонските депоа и нека берат прашина заедно со тие на Манаки, на Зега и другите познати битолски фотографи кои несебично оставија голем белег за историјата на нашиот град. Алаврсан.

При пишување на текстот користени се следните извори:

Оригинален фотографски материјал од архивот на Македонскиот центар за фотографија

Оригинални документи од збирката на Ошавкови при МЦФ

Интервју со Зафир Ошавков, Д. Пановски ”Мисирков ми го чува дуќанот”, Битолски весник, Битола 22.12.1993 г.

Интервју со Зафир Ошавков, аноним, „Фотографски подем”, Занаетчија, Битола, год.3 бр.35, декември 1979 стр.4

Зборник на трудови “Битолските фотографи и битолските фотоателјеа” 31.03.2012 г.