Со крајот на летната сезона, која се карактеризираше со мошне високи температури, со потешкотии при искачувањата, поради жешките временски услови, започнува еден продуктивен период кој ви гарантира планинско уживање, незаборавно дружење со најубавите есенски бои.

Есента е совршен период од годината, кога дневните температури сеуште ги достигнуваат 23 ⁰С, а ноќните температури паѓаат дури до 3-4 ⁰С. Совршено време да се избега од секојдневните обврски, загадениот воздух, градската монотонија и да се најде прибежиште на некој од планинските локалитети во Националниот парк „Пелистер“ .

Една од патеките, која ја предлагам за овој период е патеката која води до Врвот Пелистер, преку Дебел Рид, поминувајќи покрај двете пелистерски езера, врвовите Ветерница; Партизански Врв и Широко Стапало. Патеката е видливо обележана.

* Стартната позиција е селото Ниже Поле со 1,130 мнв, патеката продолжува преку Дебел Рид, на кој може да се освежувате со планинска вода од три попатни чешми, се до Големо Езеро на 2,200 мнв.

По пристигнувањето на таа точка, за оние кои не сакаат да продолжат понатаму, не се доволно физички спремни, имате можност останатиот дел од денот да го поминете во планинарскиот дом, каде домарите ќе ви подготват топол чај и по желба и некоја закуска.


Заинтересираните и љубопитни планинари, продолжуваат по патеката веднаш над планинарскиот дом, тука имаме блага елевација и веќе ја чуствувате магичната енергија и беспрекорниот и незаменлив поглед кон врвот „Пелистер“ и Преспанското езеро.
Тука веќе имаме мала делница, каде вие самите избирате, дали ќе го посетите врвот Ветерница, највисоката точка, веднаш над Големо Езеро

или дали ќе продолжите по патеката која води до Мало езеро. Во предвид треба да се има дека последната чешма каде можи да наполните вода е веднаш на 10 метри под планинарскиот дом на Големо езеро.
Она што ви е загарантирано при посетата на Мало Езеро, е навистина, незаменливата планинска тишина, на моменти нарушена од тивкиот ветрец и по некој птичји црцор. Малото Пелистерско езеро е постглацијално ледничко езеро кое се наоѓа во изворишниот дел на Црна Река. Сместено на надморска височина од 2,190 мнв, веднаш под Партизански Врв, кој иснесува 2,349 мнв.

Оваа патека го поврзува Големо Езеро и највисокиот врв на Баба Планина, Пелистер, и тоа за 1,5 до 2 часа.

По пристигнувањето на највисоката точка, вашата планинска авантура може да ја продолжите по патеката преку „Болници“ која води до Инфо Центарот; Патеката по камењарот ( ја предлагам за поискусни и физички спремни планинари, доколку сте во можност пожелно е со вас да има планинарски водич) или да продолжите по патот кој води до планинарскиот дом „ Широка“ или „Ловечка“ и се спушта се до Инфо Центарот на Националниот Парк „Пелистер“ .

За повеќе авантури следете на Авантурите на Рибизлата.