Софтверската компанија Мусала Софт започна иницијатива „Work from anywhere“ и ангажира вработени кои можат да работат надвор од локациите на канцеларијата во Скопје.
Николче Кочовски и Томислав Недановски, софтверски инженери во Мусала Софт и родум од Битола, зборуваат за Битола и нивната кариера во светот на технологиите.
Раскажете ми за магијата на вашиот град?
Николче:
Ако одам во Битола,
ќе прошетам по Широк сокак.
А на Дембел чаршија
кафе ќе се напијам…
Мислам дека овие два стиха се во срцето на секој Битолчанец. Почнувајќи од старата чаршија па се до Широк сокак, не можеш, а да не се нагледаш на убавините кои ги нуди. Старите градби во чаршијата, автентичниот изглед на дуќаните и секако боемскиот животен стил.
Опкружен со секаков вид на убавина, погоден за сечиј вкус, Битола секако преставува еден од најубавите градови во Македонија. Посебно место во срцата на Битолчани, несомнено завзема Баба Планина, со врвот Пелистер, која се наоѓа веднаш над градот Битола, со ‘’Пелистерските Очи’’-двете леднички езера, кои отсекогаш претставувале прекрасно место за одмор и рекреација на локалците, но и на голем број туристи од Македонија и светот.
Tомислав: Пелистер, Молика, Mало и Големо езеро, Саат кулата, Шеталиштето… Покрај овие убави места, Битола важи за град со огромен број знаменитости, меѓу кои секако најпознати се Саат кулата и приказната за 60-те илјади јајца кои турската власт ги собрала од населението за да бидат искористени за нејзината изградба, за да биде поцврста и поотпорна. Спомен-собата во Музејот на Битола на Мустафа Кемал Ататурк – таткото на модерна Турција, Хераклеа Линкестис-античкиот град кој датира од средината на 4ти век п.н.е.
Се разбира не може да се зборува за Битола, без да се спомне и Тумбе кафе, нераскинливо поврзано во секој аспект од животот на Битолчани.
Како Ви поминува еден работен ден во Битола низ оваа (не)ненормална 2020 година?
Николче: Ситуацијата со вирусот Ковид-19 несомнено го промени светот и начинот на живеење во огромен број земји, вклучително во Македонија и Битола. Луѓето насекаде, мораа да превземаат мерки за заштита, барајќи начин како да се продолжи работниот процес по најнормален тек, а притоа било какви последици по бизнисот и здравјето на луѓето да се сведат на минимум. Секако, една од најдобрите опции е работата од дома. Пред речиси повеќе од 8 месеци, Мусала Софт одлучи да им даде можност на своите вработени да ја испробаат оваа опција. Jас, како и многу мои колеги и пријатели, решив да го прифатам и овој предизвик. Верувам дека сите си замислуваат дека при работа од дома сите сме во пижами во текот на целиот ден, но реално, не е така. Го почнувам денот како и обично со утринско кафе и се подготвувам за почетокот на дневниот состанок, на кој сите даваат кратко образложение на она што го работеле минатиот ден и кои ќе бидат нивните задолженија во тековниот. По мала дискусија и размена на мислења, секој си продолжува со својата работа.
Томислав: Како и при работа во канцеларија, паузата за ручек е нормално една од активностите кои ти даваат можност да го тргнеш умот за кратко од работата и да собереш енергија за понатаму. Во тоа време, освен палачинките на баба ☺, обично сакам и да погледнам некои спортски новости или настани кои ми помагаат да се релаксирам за кратко. Потоа работата си продолжува се до завршувањето на работните обврски и реализација и целите кои сме ги поставиле за тој ден. Многу важно во оваа ситуација е да се има добра стратегија за само организација и целосна транспарентност на она што го работиш.
Во минатото секако ова би било многу тешко да се изведе, но денес, со добар сетап, навистина нема никакви пречки во работата. Вашиот кариерен развој низ годините?
Николче : Во Мусала Софт сум скоро од основањето на компанијата. Започнав да работам на проектот од областа на здравството за една голема Канадска компанија.
Производот на кој работам сега е во областа на финансии, има огромна комплексност и нуди одлична можност да научите различни технологии и што е уште поважно нуди уметност за тоа како е да се работи кога неколку големи тимови од различни области работат заедно за да ја постигнат истата цел.
Томислав: Со Николче во оваа професија сме заедно пред повеќе од 10 години. После повеќе месеци обуки и пракса, започнавме заедно во Мусала Софт во истиот тим за да работиме на она што отсекогаш не интересирало, да работиме на развој и истражување на софтвер.
Започнавме како Back End Developer да учиме Java, а сега низ годините го прошируваме знаењето со најразлични технологии како Angular, Spring, Spring Security, Spring Boot, различни видови на бази на податоци и друго. Моментално работиме на позиција како Full Stack Developer стремејќи полека но сигурно да навлезeме во наредните позиции кои што доаѓаат како софтвер архитект и тим лидер. Постојано разменуваме знаење со нашите колеги – јас со нив и тие со мене. Во текот на сите овие години совладување и учење на нови технологии, решавање поголеми и помали предизвици, само ја зголемувавме нашата желба за достигнување на поголеми цели. Сега како многу поискусни, постабилно и разумно им пристапуваме на задачите и полесно го постигаме нашите цели.
Кои се можностите за развој во Македонија на темата ИТ?
Николче: Битола е еден од најсилните ИТ-центри во Македонија. Огромниот број на алатки, кои што се достапни на пазарот, овозможуваат било кој заинтересиран да работи на ова поле, да може слободно да си ги обработува своите обврски од било која локација. Македонија е многу убава земја, со голем неоткриен потенцијал кој што треба да се искористи. Затоа јас го охрабрувам проширувањето на кадар надвор од Скопје. Секој може да работи од било која локација од Македонија и да ужива во неа.
Toмислав: За повеќето, да се работи надвор од традиционалната работна средина можеби звучи застрашувачки и незамисливо, но за нас припадниците на ИТ заедницата, сметам дека оваа опција не претставува огромен предизвик. Иако ми требаа една до две недели за да се прилагодам целосно, работата од дома оваа година, за мене беше позитивно искуство и предизвик на кој брзо се прилагодив, без да ја изгубам продуктивноста.
Работата од дома има свои предности и недостатоци, особено кога е потрајна отколку што се очекуваше. Колегите најмногу недостасуваат. Ние ги компензираме физичките состаноци со различни канали на комуникација преку кои комуницираме – на работа и на „онлајн“ ниво. Ние ја развивме дури и пред пандемијата алатката VING – специјално решение на Мусала Софт за конференциски и видео повици. Така, пред абнормалната 2020 година, имавме инфраструктура за ефикасно работење заедно со нашите клиенти низ целиот свет, и покрај физичката локација на тимот во различни делови на Македонија и Бугарија. Работиш без да си во иста просторија со своите колеги и надредени, а сепак си поврзан со нив и компанијата. Не се чувствуваш отфлрен или изолиран затоа што работиш од дома.
Сега кога Мусала покрај своите физички канцеларии , „отвори“ канцеларија „насекаде“, а повеќето нивни клиенти како IBM, VMware, SAP, Deutsche Telekom, Commerzbank, станаа многу пофлексибилни во нивните барања за локацијата на тимовите, буквално секој може да работи од кадеи да било за Мусала Софт.