Денес ќе Ви преставиме девет начини или идеи како можете за брзо да се збогатите во Битола. Потребна е само желба и почетен капитал кој со тек на време обавезно ќе го надокнадите и зголемите повеќе пати…
1.Приватна пајак служба.
Невер ендинг тендер. Требаат само двајца најаки битолски битанги со плата на учинок (процент од подигната кола) и големиот приход е загарантиран. Тие шо се паркирани на трева да добијат подебела казна!
2.Фирма за обележување на флуоросцентни пешачки премини, флуоросцентни полни и испрекинати линии, натписи Пази школо и сл.
Тендер кој постојано ќе се бриши и нон-стоп ќе треба да се обновува, а со самото тоа и ќе се зголемува учиноко. Пари миљони, пресметани во денари и евра.
3.Стубчиња за на тротоар. Најубајо тендер во градо. Битолчани ќе ве благословат и со аир ќе си ги трошите парите. Фалат околу еден миљон вакви!
4.Фирма за нивелирање на шахтите.
Битолска шахта не е шахта ако не е или 20 см под или над асвалтот. Дупени кардани, летнати тркала и држачи со се ауспуци. Скоро и да нема шахта во градо која не мава дирек на предното ЛЕВО тркало од колите. Затоа најтрошени во Битола се левите јабучици. А со тоа излегува уште еден бизнис…
5.Продавница за леви јабучици во Битола.
Продавница за леви јабучици “Лева јабука” Битола Ви нуди леви јабучици кои гарант ќе Ви паднат за месец дена доколку го управувате вашето возило по битолските улици. Заменете ги навреме зошто ќе останите и без тркало.
6.Фирма за бркање, лов и згрижување од коњи, кучиња, мачки, овци, до кози и крави низ Битола.
Кое од нив ќе има среќа ќе се вдоми, нешто по темница ќе се фрли кај лаво, а то шо ќе остани ќе се најде за Пивофесто во Прилеп, и така меленото најпоќе се троши. Загарантирана потрошувачка секоја година!
7.Приватна асфалтна база и машини за асфалтирање. Најубајо тендер на свето. Нема крај, дупки и само дупки, улици нови, сечење ленти, насмејани лица и шампањци. Обезбедени десет поколенија. За подобри варијанти е ортачка фирма и секој од газдите да е од башка партија.
8.Слушалки за стопроцентна заштита од бучава.
Заштитете се од гласната музика по кафичи и ноќни клубој, фестивали, летни бавчи, свадби на Бајро, од пеењето на оџата последно во 22.00 ч.,и камбаните во 07.00 ч.сабајле. Достава до вашиот дом. Има многу за печалење.
9. Битолска работна сила.
Кој ќе успее да ги натера битолчани да работат, а не кабадајлук да продаваат, тој ќе биде најголем богаташ во градо. Истите ќе ги изнајмува за редовна цена (просечна плата) рестото в џеб.
Авторо на тексто бил инспириран од фб групата Битолски проблеми, за која едвај чекал од локалната власт да му напрат конкуренција со друга фб група која ќе се вика “Решени Битолски проблеми”, каде фотографиите од проблемите ќе бидат објавени во ПРЕД и ПОСЛЕ варијанта.
Има уште многу други начини како да се збогатите, но тоа ќе биде во второто продолжение, секако доколку има интерес од ваша страна. Ви благодариме и поздрав.