Народната култура е трајна инспирација за луѓето од сите генерации, но НУ Центар
за култура-Битола посебно е фокусиран на најмладите, на учениците до 5-то одделение
кои според ликовните педагози токму на таа возраст се интересираат за ликовната
уметност и нивните размислувања најчесто преку слика и во различни прилики ги
искажуваат.

Годинава првиот дел од работилницата ја водат истакнатите ликовни педагози
Весна Дунимагловска и Александар Поповски, а вториот дел д-р Мери Стојановска –
етнолог.

Весна Дунимагловска, дипломиран сликар на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и магистер на мултимедија на Универзитет на уметностите во Белград. Професор по ликовно образование во ОУ „Даме Груев“-Битола.

-Мојата работилница ја насловив како „Линијата во народното творештво, како инспирација“ за да пробам како основниот ликовен елемент – линијата, била инспирација од дамнешни времиња, можност за изразување на човекот и комуникација
со другите луѓе, без разлика дали станува збор за ритуали, сликовното писмо или пишувањето на буквите кое секогаш се врши со помош на линијата. Со најмладите
учесници работевме на конкретен пример со сребрена жица да се изработи накит, или пак со конец да се изработи вез“, истакна Дунимагловска.

Александар Поповски, дипломиран графичар, педагог. Професор по ликовна уметност во Гимназија „Јосип Броз Тито“ во Битола.

-На работилницата изработувавме стрип, а како мотив за изработка на стрипот користевме повеќе примери, односно свадба, народна приказна, досетка…и други примери во кои творештвото е вклучено како визуален момент со облеки и носии, а има и пишуван дел за кратки приказни.

Учениците изработија интересни стрипови посебно мотивирани од народното творештво со што придонесоа да се пополнила една
празнина од стрипови инспирирани од македонското народно творештво, нагласи
Поповски.

На сите учесници на работилницата, на учениците и наставниците, НУ Центар за
култура-Битола јавно им се заблагодари!