“Битола на точак” по трет пат организира ДЕТСКА КРИТИЧНА МАСА со цел да ги возиме децата на точаци и да ги учиме од мали да возат.

Поводот е значењето на слободната улична детска игра која е особено загрозена од современото општество. Веруваме дека со се поголемото зголемување на возниот парк со коли и како резултат на тоа претворање на јавните површини во паркинзи за коли се ускратува основното право на имање на доволно слободен простор за детска игра.

Со оваа иницијатива преземаме одговорност да продолжиме да ги учиме децата на вистински вредности на социјализација, чиста околина, здрав живот, па и големи предизвици за пат околу светот!

Точакот не е обично превозно средство туку и социјализирачко, здраво, незагадувачко, расонувачко за на училиште и сонувачко за животот.

Затоа треба да се грижиме за точакот како најверен другар кој каде и да посакаме тој веднаш ќе не однесе!
Според истражувањата, возењето точак е индивишална работа и зависи од способностите на детето, но повеќето деца се спремни да возат точак на 5 години, односно 3-4 години е период на развој на позначајните моторни вештини и во овој период децата можат да ги вртат педалите и да возат точак со помошни тркала, додека веќе откако ќе наполнат 5 години тие веќе имаат развиено чувство за баланс и координација и во зависност од времето кое им се посветува можат лесно да научат да возат точак без помошни тркала.

А ние во меѓувреме, го користиме Градскиот Парк каде децата и по обичај се дружат, забавуваат и возат точак.

Сабота другаруваме, заедно со најмалите, на точак!

Јавнете ги точаците и возрасните за раче, и се гледаме во Градскиот Парк, ќе учиме неколку трикови за позабавно возење, неколку совети за деловите на точакот, како да му направиме брза проверка, ќе учиме за некои основни сообраќајни правила и знаци при возењето точак и ќе си ја извозиме третата детска Критична маса во Битола.

Зрн-зрн!

22 септември во 11.00 ч. Градски парк Битола