Денот денес посветен на народниот херој Естреја Хаим Овадија – Мара македонскa комунистка, Еврејка, учесничка во НОБ. Прогласена е за народен херој на Југославија на 11 мај 1953 година
Овадија е родена во Битола, Веќе во 1938 година, со неполни 16 години се активира во Еврејското хуманитарно друштво „Визо“ во родниот град. Покасно истата година, заминала на работа во Белград. Нејзиниот револуционерен активизам дошол до израз за време на демонстрациите на 27 март 1941 година во Белград. Била на чело на работничката група поттикнувајќи општ револт против предавничката политика на југословенската влада. Тоа била доволна причина да стане членка на СКОЈ, а потоа уште поинтензивно да го продолжи своето револуционерно делување. По капитулацијата на земјата, во 1941 година се вратила во Битола и се вклучила во подготовките за оруженото востание.
Член на КПЈ била од 1942 година. Непосредно пред депортацијата на македонските Евреи, се илегализирала на 10 март 1943, а потоа на 5 април 1943 година заминала првин како борец на Партизанскиот одред „Даме Груев“, потоа во Партизанскиот одред „Гоце Делчев“ и во други единици на НОВ и ПОМ.
При формирањето на Третата македонска ударна бригада била назначена за заменик политички комесар на чета. На 22 август 1944 година при формирањето на Седмата македонска бригада за политички комесар на баталјон.
Загинала во борба со бугарските окупаторски сили, во близина на врвот Кајмакчалан на 25 август 1944 година. Тогаш имала само 22 години.
Текст и фотографија Зоран Кардула