Пролетта конечно пристигна. Убавите мајски денови ја разбудија природата која ја облече нејзината зелена кошула. Денот се зголеми веднаш после промената на стрелките на часовникот и започна нашиот копнеж за да ја исчешаме крастата и да заминиме на некое место каде немаме престојувано до сега.
Предизвик ни се местата кои се ретко посетени и кои скоро никој не ги знае. Денес тоа место беше Бори Кале или попознато како Битолско Кале. Место каде шо досегашните посетители се бројат на прсти и непознато за скоро сите. На тоа место пред десетина века се наоѓаа некогашните замоци на Царот Гаврило Радомир и христијанската црква Успение на Пресвета Богородица и 12 Апостоли која за 100 години е постара од црквата св. Софија во Охрид и датира од Х или ХI век.
Патот кој е непосредно до последната постојка во Горно Оризари ќе Ве однесе самиот до село Раштани кое се наоѓа на 3 км. од Битола. Истиот поминува низ подвозникот и завршува во центарот на селото каде некогаш имаше мало селско фудбалско игралиште и селската црква св. Никола.
Големиот крст кој е исправен на таа ширина ќе ве потсети дека тука е патот за нешто кое е оставено и заборавено низ вековите, но сеуште е големо и знаменито зошто копнежот за негово обновување е присутен кај некои битолчани кои имаат желба но немаат голема моќ.
Самиот пат ќе Ве донесе до тоа место кое низ историјата го викаат Битолското Кале или Бори Кале. Мештаните од с. Раштани пак го знаат како Кира Марица и црквата света Марија. На околу дваесетина минута до пола час пешачење се стигнува до извишение од каде имате чист поглед кон Битола. Продолжувате до второто извишение каде веднаш по пристигнувањето ги забележувате некогашните ѕидини на црквата Успение на Пресвета Богородица и 12 Апостоли.
Објектот имал димензии со должина 23 метри, ширина 21 и височина 16 метри, внатрешните ѕидови сами потсетуваат и прикажуваат слика на голем крст.
Од западната страна имало две кули кои биле со широчина колку градскиот часовник. Црквата моментално е оставена сама на себе поради незаинтересираноста на надлежните и вечито недостатокот на средства кај нас. Нема голема заинтересираност за да се врати вистинскиот блесок на објектот што има огромно и културно и историско значење за македонската држава нешто што може да има и поголем сјај и од охридскиот Плаошник.
“За наодите на Кале извесен период намерно сакавме да бидеме воздржани, со единствена цел, да собереме доволно аргументи и да можеме најцврсто да ја одбраниме тезата во врска со староста на објектот.
Конечно, веќе никој не може да оспорува дека станува збор за катедрална црква, што била изградена во почетокот на 11 век, во слава на големата победа на македонскиот цар Самуил над војските на императорот Василиј Втори, на бојното поле меѓу Софија и Пловдив. А бидејќи воениот триумф се случил во август, кога се слави и Успението на Пресвета Богородица не треба да има сомневање дека и црквата го понела токму името на мајката на синот божји, изјави археологот Гордана Филиповска – Лазаровска, советник за средновековна Битола во Битолскиот завод за заштита на спомениците на културата, која раководеше со проектот за конзервација и реконструкција на овој објект во 2011 година.”
Во неа бил крунисан и владетел. Тоа го потврдува заѕиданата северна порта, бидејќи традицијата на крунисувањата обврзувала на трајно затворање на просторијата во која била официјализирана царската глава. А историските записи сосема убаво паметат дека по смртта на Самуил, токму во Битола на 15 октомври 1014 година, бил крунисан новиот македонски цар, неговиот син Гаврило Радомир. Значи, Кале сега нуди сведоштво не само за културните и градителските дострели во Македонија во 10 и 11 век, туку и значаен споменик за еден исто така значаен период од историјата на македонската држава”, подвлекува археологот во изјава за тогашниот Утрински Весник.
Во самата околина на местото каде била црквата заедно со тврдината и дрвените дворци забележливи се неколку тунели кои моментално се затрупани. Легендата раскажува дека истите се користеле за безбедно пристигнување во Битола и за позадински напади на освојувачите. Дрвените дворци намерно биле премачкувани со бронза заради маскирање од самите напаѓачи кои добивале мислење дека се направени од железо и уште на почетокот се обесхрабрувале во нивната намера.
Судбината на една од најстарите битолски цркви Успение на Пресвета Богородица не е нешто ново или невообичаена работа за нас. Истото се случува со многу знаменити објекти во Битола кои од поодамна го имаат изгубено вековниот сјај како Џепането, Исљахането, Турските Бањи и многу други историски важни локации, дури и цркви кои се започнати со градба уште во понови времиња.
Од нас ете една мала приказна обележана со фотографии и точна локација за полесно да си ја знаете сите. Можеби за денот на Успение на Пресвета Богородица во Август сите заедно ќе се сретнеме таму никој не знае.
Нашите животи го почнуваат својот крај оној ден кога ќе замолчиме за значајните нешта, а оваа битолска црква е една од нив за која не смееме да преќутиме.
Голема благодарност до Илче Димовски за одвоеното време и пренесеното раскажување.
Низ историските пишувања за Битола, Битолското Кале и Цареви е споменато и ова: После илјадагодишното постоење, во VI век животот во античкиот македонски град Хераклеја престанал. Тоа е времето на масовно населување на Словенските племиња на македонските простори. Во непосредна близина на Хераклеја се доселува македонско – словенското племе Берзити, односно Брсјаци кои почнале да ја создаваат нова словенска населба, којашто туѓинците различно ја нарекувале, како: Бутела, Бутелион додека месното словенско население, својата населба ја именува како Битољ, од што произлегува и денешното современо име Битола.
Во времето на владеењето на Цар Самуил, на син му Гаврил Радомир и на внук му Јован Владислав, во Битола постоела царска резиденција, односно царски дворци. Во еден воен поход, царот на Византија Василиј II наредил тие да се запалат, но градот не го зазел.
Битола, како и другите средновековни градови, имала своја тврдина за заштита на населението од воени напади и од грабежи.Тврдината била значително оштетена. Во 1015 год. царот Гаврил Радомир бил убиен од неговиот братучед Царот Јован Владислав, кој се прогласил за цар и во 1015/16 наредил да се обнови градската тврдина. По тој повод, на видно место, при влезот на тврдината била поставена голема мермерна плоча со словенски текст, каде за прв пат се спомнува градот со неговото словенско име т.е. на неа пишува дека тој на ова место подигнал град под име Обител, што значи манастирски стан или семејство. Ова плоча е пронајдена во Солак – Сингур Чауш Џамија, и денес се наоѓа во битолскиот музеј. (Битола Инфо)
Според битолскиот реномиран историчар Ѓорги Димовски Цолев-Џоџа огромното по територија Самоилово царство за Византија преставувало голема опасност. Затоа византискиот Цар Василиј || превзел неколку воени походи при што ги зазел важните приоди кон централниот дел на Македонија.
Тоа биле градовите Воден, Скопје и Драч. На тој начин се повеќе се стегал обрачот околу областа на Пелагонија. Обидот на Самоил да ги спречи честите византиски напади завршиле без успех. Во битката кај Беласица на 29 Јули 1014 година војската на Самоил претрпела катастрофален пораз така што еден дел бил убиен во борбата a друг дел бил заробен. Самиот Самоил од бојното поле бил спасен од неговиот син Гаврил Радомир, на тој начин кога качувајќи го на коњ го однесол во Прилеп. По помалку од два месеци на 06 Октомври 1014 година починал кога ја видел како му е унакажена неговата војска ослепена и понижена, починал од срцев удар.
Брзо по катастрофата на Беласица Гаврил Радомир во Октомври е крунисан за Цар на Македонија и за брзо време успеал да ја запри византиската офанзива, давајќи му не само отпор туку и пораз на византискиот војсководец Вотанијат кој и сам загина.
Тоа го спречило Василиј || на натамошна офанзивна акција. Така времено се изменила состојбата во Македонија. Од хроничарите бил многу посилен од татко си, но по памет и разум многу послаб од него.
За неговото времевладеење Пелагонија која била прва на удар од Византија, добила во важност не само во стопански туку и во стратешки поглед. По се изгледа дека Гаврил Радомир со Пелагонија бил поврзан уште пред да стапи на царскиот престол. Тоа се согледува од еден запис каде се вели дека тој во Битола имал свои дворци (кои најверојатно биле на ова место) . Исто така овој Цар, според некои историчари, Битола, поради важното стратешко значење ја имал за главна резиденција. Гаврил Радомир уште кога бил жив Самоил играл важна улога во државата. Со својата сила и храброст, кое во средновековието многу се ценело, му бил десна рака на својот татко, сигурна поткрепа на неговата царска власт како и во долгата војна против Византија. Гаврил Радомир рано зел учество во неколкуте значајни битки од кои на два пати успевал да го извлече Самоила од бојното поле на веќе изгубените битки.
Според еден византиски хроничар од XIII век, Гаврил Радомир бил втор по ранг во државата, веднаш зад Самоил, по што некои историчари сметаат дека тој бил всушност совладар со татко си, кое звање се практикувало во повеќе држави. Како совладар Гаврил Радомир секако добил на управување одредена територија во државата. Имајќи предвид дека поседувал свои дворци во Битола, со голема веројатност може да се претпостави дека управувал со Пелагонија и Битола, а можеби и со територии јужно од Пелагонија, околу Островското и Петерското езеро, каде често престојувал.
По дознавањето за смртта на Самоил, Василиј II се обидел да ја искористи настанатата состојба и презел брз и неочекуван напад со цел да го изненади новиот владетел. Главна цел бил градот Битола, резиденцијата на Гаврил Радомир, воедно важно упориште на патот Виа Егнација кој ги заштитувал приодите кон Охрид и Преспа.
Градот бил јако утврден и бранет, така што и покрај големата брзина со која бил изведен нападот, Василиј II не успеал да ја оствари поставената цел. Во тој напад на неговата војска успеало само да ги запали неговите царски дворци (кои вероватно претежно биле од дрвен материјал) но градот не го освоил.
Покрај Битола на удар се нашол и Прилеп. Имено уште на пат за Битола еден дел од војската бил упатен кон Прилеп кој бил заземен од упатената војска заедно со тврдината Стипион (тоа не е Штип), така по неуспехот кај Битола Василиј II се повлекол на југ но важните приоди кон Пелагонија и другите централни делови на државата ги држел во свои раце, односно по освојувањето на североисточниот дел од Пелагонија и по пресечувањето на главната комуникација што ги поврзувала источните и западни делови на царството го принудила Гаврил Радомир да побара источните и западни делови на царството го принудила Гаврил Радомир да побара мир од Византија. Во писмото што го испратил до Василиј II тој се обврзувал дека ќе му се потчини. Понудените услови за мир всушност ја покажале слабоста на Гаврил Радомир. Имено за да превземе ваков чекор Гаврил Радомир бил обусловен од состојбите настанати по смртта на Самоил и прашањето за наследството врз престолот. Имено се јавил судир меѓу двете семејства во владејачката династија. Така своевремено по наредба на Самоил, неговиот брат Арон бил ликвидиран, наводно по сомнеж за тајни преговори со Василиј II. Во новонастанатата положба синот на Арон Јоан Владислав претендирал на царскиот престол кое нешто Гаврил Радомир не го допуштал. За да дојде на царскиот трон Јоан Владислав не одбирал средства а по се изгледа се потпирал и на Византија. Така во една прилика кога биле заедно на лов кај местото Петерско, кон крајот на Август или почетокот на Септември 1015 година Гаврил Радомир бил убиен, кој како Цар не владеел ниту една година.
По убиството на Гаврил Радомир, неговиот братучет Јоан Владислав побрзал да го запознае Василиј II со состојбите во царството кое византискиот цар ја искористил внатрешната слабост во Македонија, па превзел поголеми подготовки за освојување на територијата на Македонија. Не наоѓајќи кај Василиј II поткрепа и очекувајќи напади Јоан Владислав се дал на засилени подготовки за одбрана на царството. Во таа насока било и неговото ангажирање да ја обнови срушената тврдина на Битола. Тврдината се наоѓала во месноста Бори Кале т.е. дел од височината кон денешниот германски крст каде битолските археолози открија темели на средновековна црква. Денес таму се откриени и остатоците од палатата на Гаврил Радомир која е во јајцевидна форма но нема остатоци од тврдината како во другите градови во Македонија односно како во Штип, Охрид, Скјопје и други градови. Меѓутоа дека таква тврдина постоела се знае од записите на турските хроничари кои забележале како при навлегувањето на Османлиите во Македонија многу градови без борба им се предале без да им пружаат отпор што не било со Битола и нејзиното население. Токму поради тој силен отпор тврдината турците ја срушиле до корен како под казна.
Низ преданијата на Марко Цепенков за ова место е запишано како прибежиште на Крало Тољо:
Пред да дојдат Турците да го преземат градо Битола, тој бил напраен и тогај во синорот од селото Букоо. За оти во синорот букоски било тоа нешто, го докажуаат темелите што сет во сето поле околу Букоо. Селото Букоо ет од г. Битола кај што заоѓа сонцето, близу еден саат место.
Од селото Букоо колку пол саат имат една тумба и се вика тумбата Бори-кале, чунки на таа тумба имало во тоа време едно кале напраено од крал Тоља. На таа тумба сега има лозја. Пред годиње му се сониле на Костета мивтарот пари во лозјето што го имал тамо; копајќи, не нашол пари, ами ти нашол: камење од морето, делкани диреци и други. Нашол и еден гроб од мермер, делкан како корито и озгора со капак пак од една плоча од мермер; плочата била исписана со писма. што никој не можел да ‘и отпеит.
Откоа ‘и ископал Косте тие работи и не нашол пари, отишол кај грацкио реиз и му кажал за тоа нешто. Целото беледие се кренало и отишло тамо, та сите тие камење што беа за- работа ги кренало беледието во Битола. Целата Битола беше се пренесла да види тоа чудо што се нашло на Бори-кале. Гробот го однесле на една чешма кај к’шлите за наместо корито, а пак капакот го однесле кај од Абди-пашоото кафе и го клале на една чешма што има тамо. И ден-денеска стојат.
Долу под тумбата Бори-кале имало темели од црква; на тие темели напраија пред годиње една црква гркоманите. Околу црквата напраија гробој на-редени по черпија (по регула). Помеѓу тумбата Бори-кале и црквата имало едно азно, закопано од крал Тоља. Според старите како што кажуаат, кога ќе побегнал крал Тољо, и мнозина тоа азно го барале, бре и Френци копале тамо, ем со царцки ферман, арно ама никој не го нашол, ни пак ќе го најдат, чунки било заречено од крал Тоља за кој знаит кога да се најдит. По лозја, по нивје, по ливаѓе, кај да копаш, се темели ќе најдиш; сокаците кај што биле се познаваат и ден-денеска, ем баеги биле широки и прави.
Коа ‘и преземале Турците нашите места, дошле и Битола да ја преземаат, при се што Битола ја преземале од две страни, една војска откај Прилеп дошла, друга откај Воден и пак лесно не можеле Битола да ја преземат, чунки крал Тољо се биел од калето, а кауѓерите што биле во седумдесет и два манастира, и тие се бранеле, тики баеги време што се мачиле дури ја презеле Битола. Крал Тољо тогај бил опколен од секаде, арно ама калето што го имал на тумбата го имал напраено со еден маривет за да мислат Турците оти е од железо, чунки беше го опкоал околу-наоколу со штици вапсани со боја, да прилега на железо, тики да му се гледа на Турците како од железо. И вистина така му се гледало и се тука се плашеле за јуруш да сторат Турците.
Баеги време се борил крал Тољо со Турците, при се што бил со мала војска. Арно ама знаел оти не ќе можит да достискат. Името на Бори-кале оттогај му останало, што ја викаат таа тумба битолчани Бори-кале. А пак името на градо Битола му е даено од крал Тоља кога видел оти ќе го ватат Турците жив, беше побегнал. (За тоа нешто го опишуам во преземањето на Битола.) Кога разбрале Битолчани оти крал Тољо избегал, тогај беше си рекле помеѓу себе:
— Би Тољо, доби Тољо!
Ете од тој збор, што го рекле тогај, му останало името на градо Битола: Битола.