Овој леб е еден од најдобрите кои сум ги направила. А не се измачив ама баш ич. Лесно се прави, не се меси, само се обликува со рацете, превкусен е, мек, миризлив, само следете ја постапката. Лебот е одличен и за почетници и за искусни.
600 г брашно
500 мл топла вода
30 г свеж квасец
1,5 лажица шеќер
1 лажиче сол
5 лажици маслиново масло
Прво растворете го квасецот во топлата вода заедно со шеќерот.
Откако ќе се растопи, додадете ги останатите состојки и мешајте со лажица. Измешајте убаво, ќе добиете многу меко и лепливо тесто. Покријте го со најлон фолија и оставете го на топло место да нарастува минимум еден час.
Колку повеќе стои, толку повеќе ќе се направат дупки во тестото.
Откако ќе нарасти, работната површина набрашнете ја убаво и истурете го тестото врз брашното. И одозгора убаво набрашнете го тестото и ставете малку и на дланките. Поделете го тестото на 2 дела. Работете внимателно без притисок. Потоа двата дела нежно со дланките оформете ги во долги векни леб и навртете ги спирално.
Префрлете ги векните врз тавата во која ќе печете и оставете ги уште 30тина минути покриени.
Потоа, ставете ги да се печат на максимална температура околу 10 минути, потоа намалете ја јачината на 190 степени и печете уште 20тина минути.
После печење, оставете го лебот покриен со крпа околу половина час пред да почнете да го консумирате.
На здравје
Рецепт од Гордана Аџиева-Михајловска
За повеќе рецепти од Македонската Кујна посетете ја
www.macedoniancuisine.com