Основното училиште „ Даме Груев“, се наоѓа на ул. Ѓорче Петров бр.7, во месноста Јени Маале во Општина Битола.

Во Записник бр.1 од 1.9.1941 год. во Книгата за протокол е запишано: Училиштето се преименува во Првоначелно училиште Даме Груев, според македонскиот револуционер Даме Груев. Првите училишни згради се наоѓаа во централниот дел на Јени Маале, на ул. Даме Груев бр.5.

Ја започнува својата работа со 356 ученика и 9 учители. Во март 1945 год., училиштето работи по прв Наставен план добиен од Министерството за просвета на Македонија.

Во учебната 1946/47 год. за прв пат во училиштето се отвора Библиотечна книга и се збогатува фондот на книги. Во учебната 1948 год. започнува да се изведува настава во новата училишна зграда на ул. Ѓорче Петров бр.7 во Битола.

Посебно се истакнува владеењето на македонскиот литературен јазик од страна на наставничкиот кадар.

Од учебната 1956/57 год. се приклучува Нижата гимназија Кочо Рацин и оттогаш до денес функционира како целосно Основно училиште Даме Груев. Бројната состојба по соединувањето на училиштата изнесува вкупно 1362 ученика.

Во учебната 1960/61 год. училиштето брои 1601 ученик и се работи во три смени. Поради големиот број на ученици во ноември 1962 год., училиштето се проширува со нова училишна зграда. Во 1969 год. кон ОУ Даме Груев, се приклучува училиштето од с.Карамани, а во 1985 год. и училиштето од с.Трн. Бројот на ученици во таа година изнесува 1192. Се изведува комплетна кабинетска настава по сите предмети.

Во учебната 1999/2000 год. во училиштето беа запишани вкупно 1259 ученика. Активно работи на бројни проекти, во интерес на подобрувањето на наставата,а и на самото училиште.

Од 2000 година до денес бројната состојба на учениците е променлива.

Училиштето се одликувало и денес се одликува со голем ентузијазам и желба за високи резултати од страна на вработените, како и со мотивирани ученици кои добиваат солидни и трајни знаења и имаат реално добри постигања во училиштето, но и потоа во школувањето и животот.

Денот на загинувањето на големиот македонскиот револуционер Даме Груев, 23-ти декември 1906 г. во Русиново, е одбран за одбележување на патронатот на ова основно училиште.

Нека им е честит!