Многу од големите и раскошни велелепни згради кои со нивната убавина сега го украсуваат нашиот град го симболизираат подемот на Конзулска Битола и нејзините убави староградски времиња, но во исто време ја кријат нивната таинствена и тажна повоена судбина која до пред 20 тина години беше изразена на нивниот блед изглед и трула фасада. За среќа на некои големи битолски фамилии во еден дел неправдата е малку исправена со враќање на нивните имоти и наследство кое макотрпно е создавано и печалено. Многу од нивните создатели го поминаа цел живот во борба за да докажат дека биле невино осудени и на нечовечки начин им е конфискуван цел имот, што на крајот истото се докажа, но за жал тие не се меѓу нас повеќе.
Почетокот на една битолска приказна за голема трговска фамилија започнува од Секула Момировски , кој во 50 -тите години на 19 –тиот век почнува да работи со трговија во Битола . Неговите синови Веле , Сотир и Димитар по стапките на нивниот татко продолжуваат да се занимаваат со истата дејност во нашиот град . Потоа , завземаат и видно место во подготовките на Илинденското востание, а едниот од нив, Димитар Секулов бил видна личност во Владата на Никола Карев како Министер за прехрана и финансии на Крушевската Република.
Димитар Секулов дел од првата македонска Влада
Веле Секулов е убиен во времето на башибозукот , додека пак Димитар по востанието е приведен на сослушување кај Бахтијар паша и е осуден на 20 години робија во Анадолија , но тогашните конзуларни преставници во Битола ќе издејствуваат негово ослободување. После две години, Димитар со нарушено здравје се враќа во Битола и бидејќи боледува од ехинокок на црниот дроб , заминува на операција во Софија каде починува на операционен стол во 1906-та година .
По смртта на Димитар, мануфактурниот дуќан кој уште во втората половина на 19 век го отвараат браќата Секулови во Битола , го превзема Сотир со се цела актива и пасива од старата фирма која ја водел со брат му. Трговската куќа ќе продолжи да работи , но под исто име “Браќа Секулови” . Па и до пред некое време , на ѕидовите на самиот дуќан на улица “Папуџиска” можеше да се забележи името на фирмата, напишана на четири јазици “Братја Секулови” , “Фрер Секулови” , “Брача Секулич” и “Браќа Секуловски” .
Овластување од 1938- година кога Сотир Секулич починува , па тргоавијата ја превземаат неговите синови Христо и Глигур
Со отварањето на пругата Солун- Битола 1872 година , набавката на стоки браќата Секулови ги вршеле претежно од Солун . По смртта на двајцата свои браќа , Сотир ќе остане да се грижи за своите сестри , од кои едната сестра , Зуица Секулова , потоа Боздова , ќе стане мајка на првиот Министер за здравство во 1946-та година , како и првиот Декан на Медицинскиот факултет во Скопје , Стерјо Боздов , како и за сопругата Викторија и ќерката Славка (подоцна Шекерџи) на неговиот починат брат Димитар. Сотир напорно работи на проширување на трговската дејност, како и на изградбата на семејните куќи .
Сотир Секулов(ич)
Во 1926-та година , Сотир станува еден од главните акционери на командитското друштво “Фабриката за трикотажа Пелистер”- Битола , составена од неколку задругари , со почетен капитал од тогашни 2 милиони динари . Фабриката работи успешно и извезува производи како во земјите на бившото Кралство на СХС , така и пошироко меѓу кои Италија и неколку европски земји .
Двата негови сина , Глигур и Христо ја наследуваат трговската дејност од нивниот татко . Условите кои понатаму ги диктирала работата , го тераат Христо да замине на школување во Франција , каде успешно ја завршува академијата и активно продолжува да се занимава со трговија на големо . Во меѓувреме го добива и екслузивното право на консигнација , што му овозможило трговска размена , најмногу со англиски , германски , чехословачки , италијански и француски фабрики .
Договори за соработка со Манчестер, Бомбај, Њујорк од Фондот за Браќа Секулови во Државен Архив, одделение Битола
Кореспонденцијата во тоа време се одвивала на француски јазик , иако тој говорел одлично и Грчки и Англиски , но воглавно се одвивала на француски јазик , што му овозможило на Христо да ја прошири дејноста и да успее . Во дуќаните на Секулови работеле многу калфи и чираци . Христо често патувал во европските земји , а и секоја година ги посетувал саемите во Виена и Прага за памук и чоха (една врста на шајак) каде се стекнал со додатно знаење и искуство .
Христо и Ели Секуловска
Христо исто така е е еден од основачите на Ротари клубот во Битола . За време на војната тој несебично ги помагал партизаните и локалното население со храна, облека и пари .
Христо и Ели Секуловски со децата
Како што ни пренесуваат потомците на Христо Секулов, најтешкиот период кој го доживува фамилија Секулови е после 1945-та година, кој од збор до збор е опишан во мемоарите на Христо Секулов, како дел од нивниот личен и фамилијарен фонд:
“Народната власт почна да врши одданочување на битолските трговци како еднократен данок. Ние плативме 100.000 динари. Се створи комесарство кое вршеше распределба на затечените стоки. Ние на власта му предадовме 5.000 килограми првокласен памук со изврсен квалитет . Со еден збор , се што имавме во магазинот му предадовме на власта без надокнада. Исто така и акциите кои ги имавме за фабриката Пелистер , ги предадовме на власта .
Во Август , 1945-та година бев изгласан од народот од Битола за потпретседател на Општината . На таа функција останав до Февруари 1947-ма година. Патем цело време помагав на локалното население со храна , облека и пари ,а и доброволно работев и во Црвениот Крст .
Сотир Секулов , во својата 77 година од животот со дел од неговата фамилија пред куќата на ул. Солунска.
Со Методија Андонов Ченто се запознав уште во времето на бивша Југославија . Еден ден , во 1945-та година , Ченто во својство на Претседател на Република Македонија , заедно со Димитар Влахов и еден журналист од Мексико дојдоа во собранието на општина Битола и јас ги пречекав . Прво Ченто ме претстави на Димитар Влахов , кој ме праша дали сум син на Сотир , а јас потврдно одговорив . Потоа , на журналистот на француски јазик , со Влахов му дадовме интервју за судбината на Македонија и нејзините три дела .
На 19 Февруари , 1949-та година бев уапсен . Во затворот на УДБА бев фрлен во мрачна ќелија , ја донесоа и мојата сопруга Ели која остана една недела во затворот во УДБА , додека пак дома удбашите вршеа конфискација на целокупниот имот . Брат ми пак Глигур беше затворен во внатрешни и фрлен во безвоздушна ќелија . Свирепоста на удбашите беше толку голема што по одземањето на парите (златото) ја викнаа и мајка ми Параскева на 80 годишна возраст , ја затворија во затворот во УДБА и ја фрлија во темна просторија. Го викнаа и мојот малолетен син Сотир кој тогај имаше само 13 години и го испрашуваа дали сум криел злато на друго место . Моравме да го дадеме целото злато од по 1000 наполеони во разни монети турски лири , пендолири , американски златни долари и други нумизматички златини пари кој ги береше покојниот ми татко .
Уште не осудени ни зедоа се : целокупниот мебел , целата покуќнина , алиштата на сите . Исто така ја ограбија и целата филателистичка збирка која имаше ретка вредност затоа што беше берена уште од времето на татко ми . Со два збора , бевме опљачкани до гола кожа.
После 5 месеци во затворот на УДБА , каде бев соочен со многу непријатности , секојдневни малтретирања и тепања , во Август 1949-та година , јас и брат ми бевме изведени на суд . Судењето беше извршено набрзина , без присуство на адвокат , само имаше присуство на органот на УДБА и бевме осудени , јас на 14 години затвор и присилна работа во Идризово , а брат ми на 12 години присилна работа во Добој . Ни беше одземен , национализиран и конфискуван целиот движен и недвижен имот , двете куќи изградени од мојот татко , три наши дуќани , како и дуќани кои припаѓаа на мојата сопруга Ели . Златните пари не ги ни споменаа во пресудите . ( Се расправаа и се тепаа пред нас во УДБА кој да грабне повеќе златници) .
Потоа јас бев однесен во Идризово , каде на почетокот бев пречекан повторно со ќотек , додека пак брат ми беше префрлен во Добој – каменолом кој призведуваше камења за автопатот “Братство – Единство” , Белград – Загреб . Испратените македонски затвореници во тој каменолом беа оставени на милост и немилост на тамошните управители кои зверски се однесуваа кон нив . Многу затвореници од таму се вратија со нарушено здравје , а некои после ослободувањето извршија самоубиство .”
Куќата на ул. Солунска и дуќанот во пазарот, некогашен изглед, крај на 90ти.
Семејните куќи каде што живееја браќата Секулови, едната сега е Хотел Бастион другата е веднаш во напосредна близина на ул. Вардарска сегашен изглед.
Понатаму , во своите мемоари Христо ги опишува сите измачувања во затворот .Биле многу инспиративни во измачувањата , ги гушеле со перници на сред ноќ , им ги корнеле ноктите итн .Исто така ,во своите мемоари тој ќе додаде :
“Во Идризово , за време на издржувањето на затворската казна , во бараката од третото одделение од време на време се прикажуваа филмови со кои не “превоспитуваа”. Често пати се среќававме со Ченто. Инаку , Ченто и често пати доаѓаше кај мене и ми велеше:” Кицу (Христо) , ова веќе не се издржува”. По извесно време од кога се ослободи од затворот , слушнав починал и дека на погребот присуствувал цел Прилеп.”
Сопругата на Христо , Ели ,исто така била осудена на две години затвор , но во УДБА таа доживува инфаркт , така да одлежува само неколку дена затвор во Идризово каде и ја повредуваат ногата .
После неколку години , Христо е пуштен од затвор . Ги затекнал сопругата и децата во една задушлива просторија , биле сместени кај Никола Јашмакот , во мизерни услови .
“По пристигањето од затворот… опишува Христо во неговите мемоари. Јас пет дена не излегов од дома . По истекот на 15 дена од затворот , решив да се пријавам во општина да ми најдат работа . Трагедијата да биде уште поголема , ми ги одзедоа сите образовни квалификации како факултетски образован и бев префрлен да работам во Битолскиот монопол . Во монополот поминав многу лошо , се разболев од запаление на плуќа . Докторот се плашеше да ми даде боледување затоа што бев бивш затвореник , па јас бев приморан да одам на работа . Другарите ми вареа чај , а јас едвај преживеав . Еден мој бивши чирак ми беше претпоставен , па ми даваше полесен товар да носам .
Во 1953-та година се решив да се јавам во “Ротари Интернационал” во Чикаго , меѓународно здружение во кое бев член, со молба да ми помогнат . Ротари Интернационал е здружение основано во 1905 -та година во Чикаго . Во програмата на тоа здружение главно мото беше поштеност , лојалност , солидарност. Основната девиза на друштвото беше “Дa не се живее само за себе “. Од 1953-та година , односно од Јуни месец , јас добивав месечно еден пакет од 11 килограми со храна (шеќер , ориз, сапун , шпагети , мелко во прав , кафе , какао и друго). Оваа поткрепа од браќата Ротаријанци траеше се до 1967-ма година кога тогашната власт забрани да се увезува храна без царина .
Како фамилија бевме од сите избегавани и сите врати ни беа затворени .
После неколку месеци бев префрлен во Авторемонт како благајник и сметководител . Работев постојано за да се докажам . Потоа бев шеф на сметководство . Таму останав полни 18 години од каде се пензионирав .
Во 1964-та година се преселивме во новосоздадените станови на Авторемонт кај касарната , на улица Партизанска , во двособен стан.”
Со многу тешкотии , децата на двајцата браќа затвореници успеваат да се школуваат , така што после некое време тогашната власт се “одоброволува” , па за едниот син , Сотир , Републичкот фонд Скопје ќе издејствува стипендија , и така тој успешно го завршува правниот факултет во Белград , додека пак Коста Секуловски добива воена стипендија , па по завршувањето на студиите се вработува во воената болница во Скопје како хирург, додека пак Димитар Секуловски станува лекар – анестезиолог во Клиничката болница во Битола . Но , со ништо не можат да се заборават времињата на удбашките репресии , кога ноќните авети на удбашките креатури облечени во кожни мантили и чизми чекореа по битолските улици , сеејќи страв , а некаде и смрт . Секуловски тоа го паметат како факт што и на жените и на децата им се закануваа и ги репресираа за да кажат каде е златото . Најмногу болат измачувањата , но и тоа што златото се зеде без никаков документ , додека пак покуќнината можеше да се види кај угледни боречки куќи.
Со законот за денационализација во 2001г. , дел од имотот на Секуловски е вратен по 50 години. Чувството да се влезе во семејната куќа каде си ги оставил сите детски спомени, по толку многу години е потресен и возбудлив момент кој не може да се опише- опишува Димитар Секуловски за весникот Балканска газета, кој откако бил избркан не влегол во семејната куќа.
Одземени куќи, покуќнина, дуќани, пари, злато, фабрика, уништени и затворени фамилии. Избркани од својот дом и прогласени за државни непријатели и тоа не по војната туку отпосле во ’49 зошто го негуваа македонизмот како борци за нивната кауза. Многу познати македонисти ја доживејаа истата судбина како Методија Андонов Ченто, Павел Шатев со стремеж за модерна македонска држава останаа без тоа што го имаа . Од нас ќе остане споменот за сите нив кој ќе го негуваме со најголема почит кон нивните фамилии, кои многу допринесоа за подемот на градот, а нивните домови и живеалишта и ден денес постојат како украс на кој се уште со голем интерес му се восхитуваме.
Голема благодарност до Ели Секуловска.
Благодарност до Државниот Архив Одделение Битола за дел од материјалите од Фондот на Браќа Секулови