На 7-ми Август се празнува успение на Света Ана, мајката на Пресвета Богородица Марија. По тој повод христијаните од цела Македонија го посетуваат манастирскиот комплекс посветен на Света Ана во село Маловишта, Битола, кое е единствено во рамките на Националниот Парк Пелистер.
Манастирскиот комплекс се наоѓа на 1400 метри надморска височина, на околу 2 км оддалеченост од селото Маловишта, во густа букова шума. Комплексот може да угости голем број посетители со своите конаци, да ги „почести“ со чист планински воздух и ладна и свежа планинска вода од многубројните извори.
Постои верување поврзано со манастирот Света Ана кое вели дека манастирот има чудотворна моќ да дава пород за што и лично сме уверени од примерите кои ни се посочени вклучувајќи и фамилии од други вери и националности. Затоа брачните парови кои имаат проблеми со формирањето на семејство, на 6–ти наспроти 7–ми август треба да преспијат во просториите на црквата Света Ана. А таа ќе ги слушне и исполни нивните молитви и ќе ги успокои и израдува нивните души.
Мештаните истотака ги раскажуваат приказните за многу брачни парови кои немале деца, но по посетата на манастирот добиле пород и благодарни, секогаш доаѓале на славата на манастирот.
Во близина на манастирот има и лековита вода што извира од коренот на една бука и тука е од памтивек.
Посетете го манастирскиот комплекс Света Ана во Маловишта и почувствувајте го мирот што ќе завладее во вашите души.
Текстот е објавен ден порано за да се запази утрешниот датум 6-ти Август.