Од денес започна Божиќниот пост за Православните христијани. Денеска е денот наречен Божиќни поклади. Божиќните пости се период кој му претходи на празникот Рождество Христово – Божиќ и траат 40 дена.
Правилата на воздржание, пропишани од Црквата во Божиќниот пост се:
-За време на постот се избегнуваат месото, путерот, млекото, јајцата, сирењето. Освен тоа, во понеделник, среда и петок во Божиќниот пост не се јаде риба, вино и масло и дозволено е само примање на храна без масло.
Во останатите денови – вторник, четврток, сабота и недела, дозволена е храна со растително масло.
Рибата за време на Божиќниот пост е дозволена во саботите и неделите, како и на големите празници, каков што е празникот „Воведение во храмот на Пресвета Богородица“, а исто така и на црковни празници и деновите на големите светци, но само доколку тие празници се паднат во вторник или четврток. Доколку празникот се падне во среда или петок, се разрешува на вино и масло.