Изминатиот викенд, во саботата на 25 Декември во дворот на ОУ Гоце Делчев Битола беше организирана „Божиќна ноќ“, посветена на нашите најмлади сограѓани кои ги негуваат Англискиот, Францускиот и Грчкиот јазик, како и музичките уметности во Битола.
Целта на овој настан, покрај збогатување на предновогодишните активности во нашиот град, беше и дополнување со една малку поинаква понуда, посветена на странските јазици, имајќи предвид дека нашите сограѓани од сите возрасни групи имаат секогаш голем интерес за нивно изучување.
Освен бројни песнички со тематика од претстојните празници, испеани на трите претставувани јазици коишто публиката имаше можност да ги чуе, млади ученици од основните училишта од Битола отсвирија прекрасни мелодии на виолина, претставија и танцови точки, групни и индивидуални.
На овој настан, инициран и организиран од Американско катче Битола, Француска Алијанса Битола и Испитен центар за Грчки јазик Асоцијација Пелагонија Битола, освен приготвената музичка програма, беа организирани и работилници за изготвување на новогодишни честитки и украси.
Исто така, трите организации ги претставија своите преостанати активности, за кои големиот број посетители покажаа особен интерес.
Предвидената програма заврши со флеш моб во кој се вклучија сите присутни деца понесени од звуците на прекрасни новогодишни и божиќни мелодии.
После прекрасната дружба дополнета со топол чај и празнични колачи, гостите беа испратени со подароци припремени од членовите на организациите, како и ветување за преминување на „Божиќната ноќ“ во традиција.
Особена благодарност за поддршката на оваа иницијатива беше испратена до Општина Битола, ОУ Гоце Делчев Битола и Центарот за Култура Битола.