Битолско минато
Со ПЕТ(АР) ВО ПЕТ(ОК)
Петар Ставрев специјално за „Бабам Битола“
Веднаш по ослободувањето на Македонија по завршување на Втората светска војна уште при крајот на 1944г. започна со работа Радио-Скопје, а некаде околу 1950г. Радио-Битола, а потоа и повеќе други радио станици во државата. Како обласна радио станица битолската се слушаше во Битола, Прилеп, Охрид, Ресен, Струга, Дебар и Кичево, а како Радио Битола со формирањето на околиите ги опфаќаше градовите Битола, Прилеп и Крушево.
На почетокот во првите години од постоењето колективот на Радио-Битола често се менуваше , а нешто подоцна меѓу неговите техничари се вработи и Богоја-Боге Докулевски, кој се до своето пензионирање беше меѓу најпопуларните технички лица, кој меѓу граѓаните беше едноставно викан Боге Докуле.
Тој беше роден во 1927г. во с.Големо Црско, а почина во 1997г. Како млад со семејството доаѓа во Битола, извесен период беше во ослободителните борбени редови на државата, а потоа инкасант на Радио-Скопје и раководител на НА-МА (Народен Магазин). Вработувајки се во Радио Битола како патриот и љубител на народниот мелос дава придонес преку програмата да се емитуваат народни песни што слушателите ги прифаќаа со воодушевување. Со екипирањето на новинарскиот, техничкиот, административниот и музичкиот кадар, популарноста на Боге не опаѓа. Едноставно каде и да одеше тој беше мошне почитуван и сакан и секогаш наречен Боге од Радиото.
Со формирање на своето семејство неговиот авторитет во градот како јавно техничко и фамилијарно лице не опадна. Денес Владимир-Владо, неговиот син е познат битолски адвокат кој со својата адвокатска канцеларија „Докулевски“, во која е ангажиран и неговиот син Богдан е меѓу поафирмираните во градот. Неговиот внук од братот Јон-Блаже Докуле е забележителен карикатурист, илустратор и хуморист, со добиени многу домашни и меѓународни награди.
Иако низ Радио и Телевизиските куќи во поширокиот круг на Битола,„израснаа“ и други технички медиумски лица, личноста на Боге никогаш нема да биде заборавена.