По повод 11-ти Март Денот кога битолските Евреи беа интернирани од Битола во 1943 г. , Одделението на Државниот Архив од Битола симболично ни престави една поголема галерија од нивниот бесценет фонд на Манаки кој се наоѓа во нивното депо.
Како дел од нивните колекции се и пишувањата на Јаков Ароести, службеник кој некогаш работеше во Архивот и последниот евреин кој лично помогна со неговите истражувања и прибелешки да остане барем пишана трага од нашите сограѓани кои на тој кобен 11-ти Март беа одведени во Монополот во Скопје и Треблинка, Полска од страна на Бугарската војска и Управа. Тука ќе Ви преставиме пишувањата на Јаков за една еврејска фамилија Елизер:
… и мемоарите од фамилија Аврамовиќ, Аврам и Стела од Белград, па Скопје и Битола, како се спасија од кобниот ден 11-ти Март 1943 г.
Јаков Јозеф Ароести е битолски Евреин кој во време на Кралството Југославија работел како општински службеник. За време на окупацијата ја избегнал депортацијата, засолнувајќи се во Албанија. По ослободувањето се вратил во Македонија а потоа се иселил во Израел. Меѓутоа поради неподносливоста на тамошните климатски услови се вратил во Битола и се вработил во Историскиот Архив. Во својот делокруг на дејност Ароести составил нов Список за неговите сонародници Битолските Евреи, со нови од него внесени податоци, кои се посебна тема. Роден е на 14.07.1902 година во Битола. Во битолскиот архив работи во периодот од 1957 до 1958 година како хонорарен соработник со задача да работи при средувањето на сите архивски материјали кои се однесуваат на Евреите од Битола, а од 1959 до 1961 година е стален службеник во околискиот историски архив со истата работна задача. Претходно работел како касиер во кафуле на Соломон Садикарио од 1925 до 1929 и од 1937 до 1941 година. Од 1919 до 1923 година работи како трговски помошник кај Мушон Синови.Од 1934 до 1937 во угостиелски објект кај градската оптшина, од 1944 – 1947 кај еврејската општина. Во периодот од 1941 до 1943 година не работел поради дискриминација, а од 15.3.1943 до 1.11.1944 е во Албанија како бегалец.На 31.12. 1961 се пензионирал. Неговата работа во архивот од 1957 до 1961 е оценета како исклучително драгоцена за историјата на градот Битола.
Голема благодарност до Државниот Архив од Битола за отстапените материјали.