Компанијата Кромберг и Шуберт Македонија ДООЕЛ Битола со особена чест и задоволство ја најавува промоцијата на книгата „Битолската Империја на Темјанушките“ чиј автор е младата писателка Билјана Јана Божидар.
Билјана Шаторова е родена и живее во Битола, додека истовремено работи и претставува уште една од 6500-те алки во синџирот на компанијата повеќе од една година. Во целиот тој синџир, таа си има свое место како пријателка, колешка, работник, жена, мајка, инспирација… потврда дека граници не постојат доколку истите не си ги поставиме или замислиме сами…
Горди на богатството кое се токму нивните луѓе, како што велат од компанијата, иако Билјана целосно независно и самостојно стои зад креирањето и реализацијата на овој проект, застануваат до неа како подршка, во знак на почит и охрабрување за иницијативата, борбеноста, талентот и креативноста на Билјана.
За оваа млада жена може многу да се пишува, но онаа која можеби најдобро ја познава како автор, нејзината рецензентка, ценетата Гордана Такец – Писател, Адвокат, Универзитетски професор, новинар и ТВ водител, за неа ќе напише:
„Битолското чупе Билјана, Јана, Божидар – нежно, кршливо, мило, лично… интелегентно… Кој би рекол дека во таа навидум детска женска фигура се крие љубов за две мајчинства.
Романот: Битолската Империја на Темјанушките- од идеа до нов книжевен бисер на македонското литературно небо. Роман, сага, сторија, откорнато од клетката на душата за да и се восхитуваме, воздивнуваме, тагуваме, се смееме, се заљубуваме во виолетовата темјанушка… Сага која ни ја враќа вербата во искреноста и љубовта таму што се создава трудот, се вреднува и наградува. Таму каде што си Човек-Империја. Фасцинација од мајчинство, борбеност, непобедливост, несекојдневна хероина која горделиво чекори газејќи ги догмите и принципите на балканската закоравеност. Роман кој уште еднаш потврдува дека нејзиното височество ЖЕНА и ИМПЕРИЈА може да издржи се. Да падне и уште повисоко да се исправи, да стои цврсто на своите нозе, смело и успешно да продолжи напред да го живее и слави животот и трудот… Симбол на нескршливост. Оваа сага напишана од Билјана Јана Божидар е книга која е посветена на сите кои имаат сон, визија, идеја. Билјана е автор за почит кој незнае да потклекне на ниеден неуспех. БИТОЛСКАТА ИМПЕРИЈА НА ТЕМЈАНУШКИТЕ е четиво кое ни покажува дека среќата оди во сочекор со најдобрите, четиво кое ќе остане и ќе ГО БИДЕ И ТОГАШ КОГА НЕ ЌЕ БИДЕМЕ.“
Како и секоја книга која во себе содржи вистински емоции и вреди да биде прочитана, така и оваа „империјална“ книга ќе ја дочека својата промоција во големата сала на хотелот Милениум во Битола на 26.05.2019 со почеток во 12:00 часот.
Ве покануваме сите кои сте заинтересирани да нѝ се придружите на промоцијата како би можеле и подетално да се запознаеме со содржината, пренесена лично од самиот писател.
„Соба без книги е како тело без душа“ – Цицерон
Со почит…