Марија Бошковска е нашата битолчанка која одлучи голем дел од нејзининото слободно време да го посвети за поголемо внимание и грижа за бездомните животни кои не по нивна вина се наоѓаат на секој чекор низ нашиот град. И покрај нејзините професионални обврски вработена во Флекс Кредит таа и за време на нејзината работа пронаоѓа начин да подари љубов која многу од нив и никогаш не ја почуствувале. Ние како нејзини сограѓани не можевме никако да ја одминиме и ја контактиравме за да ни раскажи повеќе околу сето тоа.
Марија, мало инфо за вас и од кога е всадена вашата љубов кон животните и кучињата?
Јас сум обичен човек, обичен граѓанин. Од секогаш сум ги сакала животните, но мојот живот се промени од моментот кога вдомив едно улично куче, пред 4 години, па од тој момент сфатив дека човек може да добие и да даде бесплатна љубов. Тоа е духовно растење и исполнување.
За еден човек да ги сака бездомни животни што треба да има во него?
За човек да ги сака бездомни животни треба да го има она што го имаат и тие, ДУША. Бидејќи низ сите овие години, сфатив дека кучињата се суштества со душа, исто како и луѓето впрочем.
Сведоци сме на грозоморни убивања и труења на кучињата скитници. Истотака сме сведоци и на нивни напади, безмалку по еден дневно. Во неколку населби има и поголеми чопори на кучиња скитници. Дали за сето ова има решение?
За да се прекине со труењето на бездомни кучиња треба да има свест во луѓето . Кучињата не се виновни затоа што се бездомни. Имено, луѓето се тие кои оставаат кучиња бебиња по улиците, како најлесен начин да се ослободат од нив како обврска. Се разбира дека и системот и институциите треба да имаат повеќе слух за овој проблем. Стерилизација е еден од начините како да се спречи овој лош тренд. Се залагам за стационар, но и тој не е ефективно решение, бидејќи и тој не може да собере толку кучиња, колку што овој народ може да исфрли. Мислам дека решението би било попис на миленици и казни за сторителите, односно за тие кои фрлаат новородени кучиња по контејнери и по улици.
Ве познаваме како битолчанка која насекаде низ градот водите грижа за кучињата скитници, овозможувајќи за нив вода и храна. Така беше и со кучињата кои си уживаа пред вашето поранешно работно место кај семафорите Грозд. Сигурно и сега во новото е исто. Дали кучињата скитници иако напуштени и заборавени знаат да препознаат љубов и да вратат?
Добро ме пратите. Дел од кучињата кои уживаа пред моето работно место, каде се грижев и ги хранев, завршија трагично, жртви на фрлен отров. Дел ги тргнав од тоа место, а дел се уште се сеќаваат на мене и се радуваат при секоја наша средба. Кучињата од улица, се прекрасни суштества, тие се благодарни во суштина, доколку еднаш ги нахраниш, ќе те паметат цел живот. Едноставно, препознаваат и ценат љубов, добрина и грижа..
Дали вие имате доживеано некој немил чин кој би можел да Ве предомисли за вашата нега и грижа кон нив?
Лично мене, ништо и никој не може да ме предомисли во мојата мисија. Никогаш нема да се откажам од тоа што доброволно го правам со многу труд и никогаш нема да се откажам од згрижувањето на бездомни кучиња.
Од ваша пријателка дознавме дека при ваше заедничко патување до друг град и враќање назад по патот сте сретнале неколку напуштени кучиња кои веднаш сте ги згрижиле во колата и потоа во Битола на локација каде секојдневно му подарувате грижа и храна?
Случката кога работно бевме надвор од градот со колешката, на враќање буквално собравме куче од патот. Благодарна на нејзиното трпение и толерантност го зедов кучето под моја грижа. Сега тоа куче се наоѓа во Англија и доби нов живот.
Колку кучиња имате на таа локација, колку сето тоа вас ве чини, дали имате помош за нивната грижа и во кој правец сакате тоа да се движи?
Последен пат кога ги броев кучињата кои сум ги згрижила, беа точно 78. Доколку би имала повеќе слободно време, би биле уште толку. Секако, за таа работа треба поддршка и средства, се разбира. Благодарна сум на НАЛА ДОГ РЕСКЈУ здружението кое ме прифати мене и моите кучиња и ми пружа голема поддршка и заедно на кучињата им обезбедуваме дом.
Има една мисла дека кога човек ќе ги запознае луѓето какви се ќе ги засака животните. Дали има вистина во тоа?
Сведоци сме на суров свет. Не би рекла дека не ги сакам луѓето, но сметам дека доколку му помогнеш на човек намерно или не, ќе заборави. Но, животните ќе те паметат цел живот и ќе ти бидат благодарни.
Продолжувам со мојата мисија непоколебливо, иако се соочувам со многу проблеми, ги чувам кучињата на тајни локации како би биле на сигурно и заштитени и очекувам и институционална поддршка за овој проблем.
Ви благодарам на вниманието и медиумскиот простор.