Димитар Поповски е родум од Битола, но веќе 12 години работи и живее во Гетеборг, Шведска и редовно си го посетува неговиот град. Љубител е ма патувањата и од неодамна тој ја посети и Светата земја, Израел и нејзината престолнина Ерусалим каде на „Ѕидот на праведниците“ ги прочита имињата на нашите сограѓани :

Беше чувство на огромна гордост да се биде од Битола и Македонија кога се приближав до ѕидот каде стојат имињата на нашите сограѓани, кој патем е на централно место во Градината на праведните меѓу народите и секој кој влегува во неа го гледа името Македонија и имињата на Алтипармакови и Стојан Силјановски. Беше посебно искуство за мене бидејќи лично ги имав истражувано историите на овие луѓе кои под незамисливи околности успеаа да спасат Евреи во деновите околу 11 март, 1943. Посебно отсекогаш ме фасцинирала приказната за Стојан-Богоја Силјановски кој иако инвалид со една нога, во дуќанче до самата бугарска полиција успеа цели три седмици да сокрие пет Еврејки (меѓу кои и Естреја Овадија – Мара), кои потоа се борат за слободата на Битола и Македонија.

Во еден претходен пост имав објавено и за улицата посветена на Естреја Овадија – Мара, која е во близина во Ерусалим. Имаа и некои портали пренесено за тоа… ни дополни Димитар.

Нашите сознанија говорат дека најмалку уште две битолски фамилии, можеби и повеќе, треба да бидат запишани на ова место бидејќи се заслужни за спасување на наши еврејски сограѓани за време на Втората светска војна .