Многу од вас битолчани го забележале малото авионче кое брмчи далеку во височините над Битола и покрај големото невремето со пороен дожд и грмотевици , тоа е во трка со нов и ги растерува градобијните облаци. Се работи за нашиот пилот, битолчанецот Александар Кнежевски. Основно училиште завршил во ОУ Св. Кирил и Методиј, а средно образование во техничкото СОТУ Ѓорги Наумов. Одлучивме да го контактираме и самиот да ни раскаже повеќе околу тоа, на пример од каде дојде љубовта кон височините?

АК: Љубовта кон авијацијата и летањето се јави уште како дете сонував да бидам пилот, па за моја среќа тој сон ми се оствари.Долг и тежок беше патот до остварувањето, но со верба во себе, упорност и напорна работа стигнав до целта. Почетоците во авијацијата ми започнаа на 10 год како моделар во Аеро Клуб Мирко Тодоровски Битола, па се до 18 години се занимавав со моделарство и тоа ми беше еден вид хоби. По завршувањето на средно образование се одлучив да заминам Србија и да започнам обука за пилотска дозвола.

Што е потребно за некој да биде пилот?

АК: За да бидеш пилот се потребни да се исполнат неколку услови . Прво и основно е да бидеш психички и физички здрав и да поминиш лекарски преглед класа 1. Тоа лекарско се продолжува секоја година со што имаш должност постојано да се грижиш за своето здравје бидејќи без него не ти важи пилотската дозвола. Потоа постојат 2 типа на пилотски дозволи. Првата е приватна пилотска дозвола (со неа можиш да леташ авиони само за свои потреби или спортски активности), а другата е професионална пилотска дозвола (дозвола со која ти си професионален пилот и можиш да извршуваш разни операции од транспорт на патници, карго итн). После тоа следат најразлични сертификати и лиценци кој се потребни покрај професионалната дозвола. Јас ги имам сите лиценци и цела таа обука траеше неколку години. Конкретно околу обуката за пилотска дозвола потребно е максимално да се фокусираш и посветиш бидејќи постојат обилни 14 предмети кои треба да се положат и цела таа теорија се предава и учи на англиски јазик. Испитите се многу строги бидејќи полагате на компјутер на кој Ви поставуваат од 20 до 90 прашања зависи од предметот и за одговорот на истите имате рок. Велам строги бидејќи начинот на полагање не е како на факултет, туку ако еден од тие 14 предмети не ги положиш во 6 излези во рок од 18 месеци или еден предмет си паднал повеќе од 3 пати, ти се бришат сите предмети што си ги положил претходно и те враќат повторно во школата на 3 месечно освежување на теорија. Кога ќе завршите со теорија следи пракса т.е. летање и вежбање на различни процедури сѐ додека да бидиш способен сам да го управуваш авионот и да се снаоѓаш во секакви ситуации.

Битола дала многу професионални пилоти , но за жал немаме аеродром. Колку ни е потребно да имаме еден убав аеродром и дали тоа ќе значи нешто повеќе за нашиот град?

АК: Битола го има најопремениот аеродром на Балканот во с. Логоварди кој има контролна кула, интернат кујна, училници, хангари и сѐ што е потребно за обучување на пилоти, но нема школа и тоа е жалосно. Аеродромот за Битола би значел не само за развивање на авијацијата во Битола туку и туризмот, бидејќи во светот постојат многу спортски аеродроми како нашиот во Логоварди и многу туристи со приватни авиони би можеле да го посетуват нашиот град исто како што го прават во останатите земји.

Моментално управувате авион со кој делувате од височина за растерување на градобијните облаци и растопувањето на градната акумулација. Со што тоа го правите, има некое средство посебно за тоа или?

АК: Пред да започнам да ја работам оваа работа работев во многу држави како пилот и со тоа стекнав големо искуство. Со почетокот на пандемијата бев принуден да останам во Македонија, па добив понуда да ја работам оваа работа. Мене сето ова ми беше ново и како предизвик ја прифатив оваа работа и од 2020 година започнавме да летаме за градобилна заштита. Конкретно УХМР на своите радари кога очекуват појава на облаци т.н. Кумулонимбуси, не известуват и нѐ наведуват во кој сектор треба да делуваме. Реагенсот со кој дејствуваме не сѐ ни “чипови”, ниту прскаме со “корона”, туку тоа е истиот реагенс кој некогаш се користел во градобилните ракети и воопшто не е штетен за човекот.

Одлуката за засејување со авион е поради тоа што така сме поефикасни, попрецизни и побезбедни него со градобијни ракети бидејќи не знаеш дали таа ќе оди на тоа место каде што треба. Знам дека луѓето, поготово земјоделците, очекуват 100% заштита. Истото и ние го посакуваме, но реално тоа никаде не е возможно. Проблемите настануват кога тој оформен облак ќе влези од друга територија во нашата земја, а ние немаме дозвола да преминуваме граница и да дејствуваме на тој облак, па кога ќе влези единствено што можиме да направиме е само да го ослабиме да не направи поголема штета. Исто така постојат денови кога климата е променлива и сето тоа се случува многу брзо и тешко е да се предвиди. Изминатите години се многу нестабилни и доколку не го правевме ова ќе имаше многу поголеми штети не само на земјоделските површини, туку и на имотите, автомобилите и сл. Намерата со ова зесејување ни е облакот што има услови да формира град да го претвориме во дожд, па многу често може да заприметите после нашето дејство врни силен пороен дожд бидејќи му го убрзуваме процесот на празнење на облакот.

Дали со вашата професија горе на небото ризикувате многу за сите нас долу на земјата?

АК: Летањето во вакво време е голем ризик и потребно е големо искуство. Турбуленции, електрични празнења, силен дожд, намалена видливост ни е секојдневие и не секој пилот е способен ова да го работи, бидејќи премногу исцрпува 4 часа да се бориш со природата. Најопасно е ако ние влезиме во област каде има град бидејќи ако долу паѓа град со големина на орев, на висината каде што летаме тој град е со големина на јаболко и има можност да ни го оштети авионот.

Какво е чувството да се гледа родниот град Битола баш одозгора?

АК: Да ја гледаш Битола од птичја преспектива е преубаво чувство, поготово за еден битолчанец каде му поминало детството и многу убави моменти. Сепак и покрај одговорноста и ризиците среќен сум што ја работам оваа работа бидејќи секој лет е различен и си има своја убавина што се гледа и чувствува.