За време на Втората светска војна во заднината на непријателите линии дејствуваа британски командоси водени од МИ9 и Полкот за специјални операции, кои инфилтрираа падобранци во окупирана Европа помеѓу 1943 и 1945 година. Нивната мисија беше организирање отпор кон Германците, помош за спасување на сојузничкиот персонал и извршување на задачи кои претхотдно беа подготвени со специјална обука за борба, бежична комуникација и падобранство. Голем дел од нив околу 250 беа доброволци од Израел од кои 110 ја поминаа специјалната обука и 32 од нив беа ангажирани во Словачка, Унгарија, Романија, Бугарија, Франција и Италија. Најголемиот дел од нив, 10, учествувале во Југославија каде му се приклучиле на партизанските единици под водство на Тито инфилтрирани во сегашна Хрватска. Еден од нив бил битолчанецот Нисим Теста.

Нисим Теста е роден во Битола, Македонија, Југославија, на 20 август 1917 година, и потекнува од еврејска фамилија, мајка Сол и татко Моше Теста кои тогаш живееја на ул. Свети Наум бр. 24 во Битола .

Во младоста бил член на младинското социјалистичко движење Млад Стражар (Хашомер Хацаир) и еден од основачите на огранокот на ова движењето во градот Битола. По завршувањето на средното училиште, тој отслужува воен рок во Артилерискиот корпус во југословенската армија и потоа работи во земјоделска фарма. Во 1939 година, на 22-годишна возраст, тој се доселил во Ерец Израел и со тоа го преживеал холокаустот во Европа. Неговата постара сестра и помлад брат останаа во Битола и загинаа во Треблинка.

Во 1943 година доброволно се пријавил во британската армија и се пријавил да служи во единицата која Британците ја обучувале да скокаат со падобран во Европа, внатре во нацистичките непријателски линии, во надеж дека ќе ги спасат британските затвореници и пилоти кои биле катапултирани од нивните авиони за време на војната.

Нисим помина курс за падобранство во логор на британската армија во Рамат Дејвид и курс за безжична комуникација во Рамат Хаковеш. За да ја заврши обуката, тој бил испратен во Каиро, каде му било дадено измислено име: Јицак Арази.

Со формирањето на државата Израел тој го усвои ова име за неговото официјално име и презиме. Нисим скокна со падобран во Југославија во пролетта 1944 година и им се придружи на партизанските единици во Хрватска и делуваа заедно со нив околу 3 месеци. Додека траела борбата тој им испраќал пораки на Британците и им помагал во војната за координација и лоцирање на непријателските сили.

По ослободувањето Нисим ја напушта британската армија во 1946 година, се врати во Израел и продолжува со работа во индустријата за живина, а подоцна во 1951 година му се вратил на земјоделските култури.

Во 1954 година тој присуствуваше на државната комеморација за неговиот пријател-падобран Перец Голдстајн, кој скокна со падобран во Словенија во 1944 година, но беше заробен и измачуван и на крајот убиен од нацистите во концентрациониот логор Ораниенбург. За време на настанот се случи несреќа кога лесен авион влета во гостите. Во оваа несреќа загинаа 17 лица, а Нисим беше сериозно повреден во десниот дел од лицето и стомакот.
Битолчанецот Нисим Арази почина во 1980 година на 63-годишна возраст, оставајќи ја сопругата Нета (од Ардонија и Леон Леви) и неговите деца: Ами, Нога Арази-Бинсток, Јоав и Ицик и нивните семејства.

Битола за време на нејзиното постоење беше негувана од народ со многу култури и вероисповед поразлична од нашата. Многу Евреи, Власи, Муслимани кои беа наши сограѓани одиграа значајна улога за сите нас и наше е да им дадеме барем малце внимание и чест за тоа што го направиле.

З. Ѓоргиев


 

Користени материјали

http://www.202.org.il/Pages/years/pg1944/arazi.php

https://en.wikipedia.org/wiki/Jewish_Parachutists_of_Mandate_Palestine

http://www.infocenters.co.il/gfh/notebook_ext.asp?book=9334&lang=eng&site=gfh

Голема благодарност до Моти Канари (Moti Kanari) и Гоце Стојановски, Државен Архив Одделение Битола