Ќе те негувам и чувам ко дете мало, како што ти ме негуваше мене.

Ти имаш историја и тоа за нас најбогата, ти имаш свое минато за кое се раскажува дури и во сегашноста. Моја Битола, наша Битола, ти која си била ослободена далечната 1944 добро запаметена, на денешен ден.

Знаеш граду, има луѓе кои се сеќаваат на твоето ослободување. Има луѓе кои мене ми раскажувале како таа окупација траела четири години над тебе.

Имам слушано како нашите успеале да ги победат непријателите кај Могила, на чело со командантот Пецо Гудовски.
Имам толку многу слушано за таа среќа непроценлива. За таа веселба која со денови траела. Убавото расположение. Животот кој подобар станал, градот кој полека се градел.

За да биде ваков каков што е денес.
Пријатен, топол, убав и примамлив. Наш град, со наш народ.

Со сите тие сокаци и калдрми, со сите ново отворени кафетерии на Широк Сокак, секоја продавница во која каде и да влезиш има и што да купиш.

Секоја дрвена клупа во паркот која никогаш не е празна.

Со угорницата за Тумбе Кафе и Хераклеа. Шехерезада и Саатот. Сите Илинденски денови и Браќа- Манаки изложби.
Секоја песна во која со опеана, секој детски расказ во кој си споменета.
Ти се сакаш ваква, како дар од Бога.
Како наша гордост најголема зашто, нема поубаво од тоа човек да е битолчанец. Тука да е роден и растен.
Да е успешен за себе па и за тебе. Роденденот тука да го слави. Својот па и твојот.

Граду на конзулите, среќен ти роденден.
Среќно ти ослободување, среќно ти лишење од омразата, злото, предрасудите, дрскоста и караницата.

Ти, моја Битола, само ваква и секаква се сакаш.

Марија Стојановска