Битола заживува!
Неа да ја засакаш
и во неа лудо да се заљубиш,
онака најлудо, дури да се избезумиш
и од памет да не ја вадиш,
не треба многу.
Еднаш од сабајле да излезиш,
кафе на тој сокак волшебен, да испиеш,
ќе те магепса и ќе те збудали,
во срцето ќе ти остани.
Ти дури кафето мераклиски си го пиеш,
сонцето на асфалтот сјаен,
одсјај да прави и да се огледува на него како огледало да е.
Минувачи си врват,
секој по своето си тера
и секој со секого поздрав си дава.
Еден ќе поздрави и муабет ќе скрши,
пет чекори ќе стори и со друг ќе застане,
а ти како читател, книга што чита
и во книгата влегол,
меѓу нив да бидеш, како лик спореден.
Мирис на ѓеврек врел
ветерот ќе ти нанесе од некоја фурна,
а низ устата плунка ќе бликне,
како снег кога се топи
и низ олук кога тече,
а ти тонеш во убавината
како да заспиваш во најсладок сон
после сладок ручек и вино црвено испиено,
во најмека постела легнат.
Живееш, а не старееш,
оти сѐ е живо и бавно,
мераклиско и спокојно,
а така е, оти никој не те брза
и никој никаде не брза.
И за да не потонеш во сонот,
во книгата што сега се пишува
и одма се брише,
за само во сеќавањата да остане,
саатот ќе запее само да те потсети
дека и навечер е волшебна таа,
со месечината кога ќе се здружат
и магија ќе создадат како во бајка.
Ќе те разбуди саатот за да те отрезни
и ниту миг да не пропуштиш
од магијата што само таа ја создава.
А навeчер кога во постела
ќе легнеш и кога од убавини
не ќе можеш да заспиеш,
ветерот нејзин нежно ќе дувне
и мирис на молика низ пенџер ќе провне,
за убав сон тебе да ти дари,
оти утре нов ден е со магија нова.Мојата Битола