Кога ќе прошетате низ некое гратче на Франција, Германија, Полска или било која развиена западна земја се воодушевувате на нивната грижа за старите објекти и гордоста која тие ја негуваат за сопственото минато.Ќе влезете во некоја од нивните рустични продавници, кафеани, малечки музеи, паркови полни со скулптури и ќе си одите со испразнети џебови и полни куфери со сувенири кои ќе ве потсеќаат на копнежот и вие самите да живеете во некое такво место. Не ни размислувате колку труд и посветеност е потребна за одржување на таа одушевувачка патина …

Битола, која на Балканот сеуште важи за град со господско „педигре„ заборава дека господството обврзува, или како што тоа французите знаат да го кажат „noblesse oblige”.

Но изгледа дека во овој град луѓето со намус се преобразија во глувци со кратка меморија, се скрија во своите домови со раштимани клавири и упорно гледаат да им се тргнат од патот на оние кои ги запустија своите села па дојдоа во „господска“ Битола да и ја кројат судбината.

Јас го имам правото на оваа (само) критика бидејќи сум внука на еден битолски градоначалник – Атанасије Сотировиќ. Во аналите на градот, за него е запишано следното: „Во 1933 година, Сотировиќ е избран за Претседател (градоначалник) на битолската општина. Како градоначаник покрај реализацијата на повеќе инфраструктурни проекти, Сотировиќ е заслужен за електрификацијата на градот, доизградба на градскиот парк, основањето на Музејот во Битола (1934г.) и друго.“

Не очекувам од сегашните градоначалници вакво педигре, но би можеле нешто и да научат од нивните претходници, луѓето со намус и одговорност.

Мима Герас Дочовска