​ Панде Петровски (1939), сликар, карикатурист и писател кој ја користи традицијата за да создаде чудесни импресии од македонскиот предел и македонската душа. Роден е во Битола, во 1939 година. Завршува Педагошка академија Ликовна група, во Скопје, 1963 година. Самостојно изложува од 1959 година и до денес има организирано 25 изложби во Македонија, Србија, Шведска и Австралија. Во своето педесетгодишно ликовно творештво, редовно учествува на над стотина групни изложби во Македонија, Србија, Турција и Бугарија. Член е на Македонското Научно друштво во Битола, ДЛУБ и ДЛУМ, а членува и во Здружението на карикатуристи на Македонија. Членувал во Организациониот одбор на Триеналето на современа југословенска графика, а работел и како сценограф на Фестивалот „Илинденски денови“ од основањето до денес.

Панде Петровски – врвниот битолски уметник

Автор е на неколку книги на афоризми и хуморески. Учесник е на повеќе ликовни колонии во Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Романија…

Добитник е на повеќе награди за афоризми. Позначајни награди за карикатура се: Трета награда на југословенски конкурс во 1988 год. и Специјалнз награда на 37. Светска галерија на карикатурата на Остен во Скопје, во 2009 година. Од наградите за сликарство се издвојуваат. „Мајска награда“ на ДЛУБ во 1978 год., наградата „4 Ноември“ на Општина Битола во 1987 год. и Плакета за најуспешен битолчанец од областа на културата за 2009 година. Во 2016 е добитник на наградите мапа-портфолио, што ја доделува „Остен“ и наградата на Друштвото на ликовните уметници од Битола, „Борислав Траиковски“.

Големите битолски великани несебично одвојуваат еден голем дел од нивниот живот за промоција на убавините и специфичностите кои ги има нивниот роден крај. Истовремено со нивниот лик и дело оставаат еден голем печат кој е врежан во историјата од неговиот целокупен развиток. Еден од нив е ликовниот уметник Панде Петровски на кого ќе му посветиме повеќе серијали бидејќи неговото творештво е многу обемно и вредно, за што заслужува поголемо внимание и почит. Голема благодарност до него и неговиот син Слободан Петровски кој ни помогна за материјалите и цртежите….за Битола, бабам Битола.
Текст од монографија “Значајни личности од Битола”