Уште на основачкото собрание на Планинарското друштво „Пелистер“ (1932), покрај другите задачи што си ги поставиле неговите членови, било и подигањето на планинарски дом. Сосема било јасно дека тоа е скап и сложен проект, кој ќе бара големи усилби и многу средства. И покрај тоа, здружението успеа во намерата, успеало да собере и финансиска поддршка, да анимира и планинари и други да помогнат во реализацијата на големата желба и големата потреба од ваков објект.
Почетокот на градбата се случил на 24 јули 1938 год. Во присуство на претседателот на туристичкото здружение „Јужни езера“ од Битола, угостителот Никифор Јевтиќ ( сопственик на хотел Гранд или хотел Јефтиќ како што битолчани го знаеме) и на општинскиот инженер Методија Петковиќ, по шест години интезивни напори, поставен бил камен-темелникот.
Местото било познато како Бегова Чешма, односно како Копанки и се наоѓало на надморска висина од 1400 метри. Според градежниот план, домот требало да располага со 175 м2 корисна површина, да има три спални соби, чуварска соба, сала за дневен престој, трпезарија, шпајз, подрум и сушилница за намокрените одела на скијачите и на другите. Пресметките предвидувале дека изградба бата требало да чини 78.000 динари и дека ќе траела два месеца.
Без материјалната помош однадвор, домот сигурно, и покрај сите усилби и прилози на планинарите и на битолчани, никогаш не би бил подигнат. Најголема помош даде Бановинската управа Скопје (50000 дин.), следува Дирекцијата на „Путник“ од Белград (20.000), Трг. инд. комора Скопје (15.000). Со помош се вклучи и Градското поглаварство со 10.000 дин. Ценејќи го тоа, здружението на сите им изрази посебна благодарност, регистрирајќи им ги имињата и донациите на спомен плочата, поставена на еден од надворешните видови од домот.
Членовите на „Пелистер“ не само што донирале лични средства, секој колку што можел, туку многумина даде и градежен материјал, најмногу вложиле работна сила. Меѓу поистакнатите во тоа биде Стојче Маслинков и Ташко Керестеџијата, а градежниот предузимач Андре Новевски- Буже од Ѓинимале доставил и квалитетно печени тули.
Текст извадок од книгата “Спорт” на битолскиот хроничар проф.Александар Стерјовски
Фото Љупчо Николовски, Сашо Првулович и непознат извор