Димитрие Рули Османли (29 мај 1927, Битола – 13 март 2006, Скопје) е првиот македонски дипломиран филмски и театарски режисер и единствен македонски мултимедијален режисер.
Тој е прв македонски автор на игран филм („Мирно лето“), автор на првата ТВ-драма снимена во скопското ТВ студио („Домот на мојот татко“, 1967) и на првиот македонски ТВ филм („Враќање во рајот“, 1969) снимен во студиото на ТВ Скопје.

Димитрие Османли е автор на голем број сценарија за свои творби од сите жанрови, а режирал повеќе од 60 театарски претстави на дела од различни автори, жанрови, епохи и театарски средини. Автор е и на првите претстави од Молиер, Крлежа и Лопе де Вега, реализирани на македонски јазик. Тој е автор и на поголем број радио-драмски режии.
Во 2003 година се одржала премиерата на неговата театарска режија на претставата „Спилиони“ во битолскиот Народен театар, а кон крајот на 2005 и неговата последна театарска режија, Аристофановите „Жени во народното собрание“ на сцената на МНТ. На репертоарот на Македонскиот национален театар многу години се играше неговото најзначајно дело, „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ.

Битола стари фотографии