Заврши и четвртото коло од суперлигашкиот плејоф, претпоследно пред тринеделната „станка” читај пауза за Олимписки квалификации (немам информација дали РФМ ќе ги организира четвртфиналните групи во купот во овој прозорец).

Мотивираните момци на довчерашниот Пелистерец и еден од потписниците на последната титула во градот под Пелистер, Александар Јовиќ не успеаја да го издржат темпото кое само го наметнаа и од Битола си заминаа со пристоен пораз.

Шампионот сѐ уште не игра ни прибилжно онаква одбрана каква што игра во одредени сегменти во лигата на шампионите (не цел меч, но добри сегменти таму и те како ги имаше) и тоа можи да се должи на одредени фактори од типот, набиен распоред, честа промена на играчи на клучните позиции 3 и 4 во одбрана, одредени здравствени проблеми кои во мала мерка го кројат ростерот во последните три утакмици како и свесноста дека некогаш доволни се десетина минути за да се прекрши противник.

Битолчани го имаат потегот или трансферот на сезоната или година како сакате со враќањето на Фитиљ во родниот град. Оној кој внимателно следи ракомет, но малку и на страна само од Пелистер и Битола ќе забележи што значи кога играч ќе тренира, игра и пред се помини време од две и пол години во најсилната лига во светот.

Фитиљот (Филип Кузмановски) на свој грб (после добро европско првенство каде селекторот му даде нова улога) го носи Пелистер и го носи тешкото бреме со себе да се одбрани титулата во својот роден град каде навивачите ја мерат секоја акција, шут, престап, одбрана, залагање или незалагање. Па дали тоа бил меч со Кил или утакмица со тим од втор или трет ешалон.

Тиквеш на мускули, впрочем во салата Андон Димитров во Бутел секогаш е така го доби домаќинот со гол во последниот напад и што е најважно, Тиквеш почна да победува на гости и да победува на утакмици и со ривали кои претходно знаеја да му направат проблеми и одземат бодови.
Се соочија со одредени проблем со повреди на најбитните играчи Симиќ и Обина и им следи процес на рекуперација за уште едно дерби на домашен терен, овој пат со првакот.

Дербито се играше во Билјанини Извори во Охрид и можам да кажам дека во тој меч фаворитот ја оправда улогата и можеби полесно од очекувањата стигна до 3 бода.
Мечот почна лошо на двете страни, технички грешки кај двете екипи како и одбрани на голманите кои дојдоја после неизградени шутеви.
Лазаров тргна со Младеновиќ на лев, Ѓоргиев на среден и Серафимов на десен бек. Не му е првпат на клупа да го остави Марко Митев како и Иван Џонов, а се знае дека тие двајца се најдобриот напаѓачки потенцијал на и онака тенката бековска линија на Алкалоид.
Оваа бековска линија беше како „порачана” за подготвената одбрана на Охрид на чело со Темо и Кукоски.

Мечот беше во егал се додека Аљуш забележа дека Матсуока има проблеми во организацијата на нападот, па на негово место го уфрли Сафранко кој заедно со Темо ја направија разлика преку нивните шутеви како и акции за Цирар и пикерот Тасески.
Неколку пати им ја продадоа истата акција каде Темо завршуваше од позиција на десен бек, но од 6 метри.

Откако беше направена разлика поголема од 6 гола веќе тоа не беше истиот меч, па за домаќините беше полесно да играат.
Лазаров ги уфрли во играта претходно споменатите окосници на клубот, а едниот и репрезентацијата, но акции и понатаму не поминуваа и Митев беше уловен лесно во обидот да направи продор на послабата страна како и пасови на пивот од невозможни ситуации.
Составот на селекторот има рак рани на повеќе позиции, а загрижува бројот на промашени зицери од линијата од 6 метри на пивотмените. Премала минутажа во напад доби Никола Маркоски кој вака или онака сеуште е најдобар пикер на Алкалоид и покрај годините.
Веќе две сезони се провлекуваат некои детски болести во тимот на селекторот од одредени играчи кои своевремено беа репрезентативци и чекор понапред од другите во развојот.

Сега малку околу организацискиот дел на натпреварот. Како е возможно во 2024 година ние на телевизијата да немаме озвучен тајм аут?
Како е возможно натпревар каде има преку 2000 луѓе публика да се пренесува со една камера без можност за репетција?
Како е возможно да нема пренос со графика за времето и резултатот па да мора на ливче да запишвам голој и време?
Охрид и Битола мора сериозно да поработат на овој дел. Исто така и МРТ. Замислете, утакмицата дома ја гледавме на You Tube платформата каде сликата е почиста, за разлика од каналот МРТ 3. Е таму само малку повеќе завлекува и делува побавно ама е чисто. Срамота е да гледаме вакви натпревари со ваков пренос.
Срамота е во ера кога интернет има на секој сантиметар квадратен на планетава, да има такви проблеми и судиите да не можат да прегледаат снимка од спорен момент.
Па откако ќе удреја во статива ти требаат 5 секунди да сфатиш шо се случило. Ужас за најгледаниот спорт во Македонија.

Битолски судии Митревски и Тодоровски уште еднаш на високо ниво, трето дерби по ред (Алкалоид/Тиквеш, Тиквеш/Вардар). Покажаа авторитет и ја оправдаа довербата која не ретко ја добиваат и во битни европски натпревари.

Наредното петто коло Бутел игра со Струга во битка за прва победа, Охрид гостува кај Пролет со намера да ја продолжи победничката низа.
Алкалоид го дочекува Вардар во меч која минатата сезона во многу го одреди пласманот на конечната табела. Подготвките за тоа кај белите започнаа и траеја долго после мечот во соблекувалната во Охрид и со право селекторот бил незадоволен.

Второто дерби ќе се игра во преполната Јасмин во Кавадарци каде Тиквеш го пречекува шампионот, чиј стручен штаб ќе треба да најде лек за длабоката и досадна одбрана на тимот предводен од Стојановиќ. Минатата сезона Пелистерци доста се намачија,но успеаја да победат и тоа беше еден од чекорите кон враќање на титулата во Битола
Доколку Еурофарм Пелистер ја оправда улогата на фаворит која поради факторите наведени во претходните текстови несомнено и недвојбено ја има тогаш ќе можи од првата позиција да замини на пауза.

Извор на фотографии: ГРК Охрид, Bitolanews Bitola

Табела по 4 кола:
1. RK Eurofarm Pelister – 14 бодови
2. RK Alkaloid – 12 бодови
3. ГРК Охрид – 11 бодови
4. ГРК Тиквеш 2014 – 10 бодови
5. RK Vardar 1961 – 9 бодови
6. Ракометен Клуб Тинекс Пролет – 3 бодови
7. RK Butel Skopje – 1 бод
8. РК Струга – официјална фан страна – 0 бодови

Анализа на Бојан Ѓеровски

Фотографии РК Еурофарм Пелистер