Една од најубавите чешми во Битола се наоѓала во дворот на Богословијата (денес Стара Болница, непосредно до Библиотеката). Иницијативата за
подигање ја дал лично битолскиот владика Николај Велимировиќ. Првин, на 26 јули 1931 год., водата била спроведена до дворот и до неколкуте згради од Богословијата, па откако на 5 август водата започна непрекинато да доаѓа, било овозможено и предавање на водоводот, кое се случи на 30 октомври истата година. Тоа овозможи подигање и на купатило во една од зградите со што во значителна мера се подобри личната хигиена на воспитаниците и на вработените .

Фотографија испратена од Валентина Цветановска

Нацртите на споменикот ги направи познатиот архитект д – р Јан Дубови. Била во вид на крст,
со постамент на кој била подигната чешмата, над која имало орнамент во вид на прозорец. Грбот, натписите и украсите беше ги изработил Прокопије Фред, каменорезец – вајар. Го користел вевчанскиот бел мермер, со позајмки во украсите од манастирот Калениќ. Чешмата му била посветена на Св. Сава, а била подигната по повод 700 – годишнината од неговата смрт. Осветувањето се случи неколку години подоцна, односно на 8 ноември 1936 год., на третиот ден од престојот на патријархот Варнава на Битола. Многуте говори и осветувањето, биле завршени со пригодни песни од хорот на Богословијата. Средствата беше ги обезбедил кралот Александар Караѓорѓевиќ уште при неговата посета на Битола во 1928 год.. И за оваа, како и за другата, маалската, која се наоѓала покрај надворешната ограда на Богословијата водата се влечела од дворната. Маалската била подигната во 1935 год. и со неа се целело да се задоволат колку – толку огромните потреби на граѓанството од здрава питка вода. Денес чешмата е рушена и не постои.

Проф. Александар Стерјовски, Водоводот во Битола

п.с. Ако има некој подобра слика со поубав квалитет Ве замолуваме да ни ја испратите на [email protected]