Кога ќе бидам мртов и бел,
без двојби, не заминувам цел…
на Бога, Божјата, се по ред,
на земјата данок снагата,
(и сатанот нешто ќе скубне),
а вам духот ви го оставам,
нека броди по Широк сокак,
и креативно ве насочува
за да станете похумани,
за да станете попољубовни,,,

Кога ќе бидам мртов и бел,
сонцето и натаму ќе свети,
пролетта одново ќе цути,
а јужниот ветер немири ќе ткае,
на Велигден ќе кршите јајца,
летото по навика ќе жешти,
ладете се на диховскиот соп,
есента ќе зрее и дрочи,
а зимата ќе снежи и бели,
На Божик Ристос ќе се роди…

Кога ќе бидам мртов и бел,
на последното целование,
не сакам цимулење и плач,
туку класичен евергрин песна,
а може „Мечтаење од Шуман“,
за полесно да чекориме
со Арангел под мишка нагоре…
А вие ќе се чукнете
со Богородичната солза од
50 степени за душа…

Кога ќе бидам мртов и бел,
понекогаш спомнете си дека
вашиот сограѓанин Такец,
како и вие чекореше по
Широкиот сокак Битолски,
да не се сопнете од неговите
стапала длабоко вдлабени
во суровиот, без чувство асфалт…

Кога ќе бидам мртов и бел,
на гробот Епитаф запишете:
„Таму, каде што бев јас,
ти сега среќен ќе одиш,
овде, каде вечно ќе сум,
ти, бездруго ќе дојдиш!“

Димитар Димитровски Такец