Има жени кои си го слават 8 ми Март секоја година, и нека си го слават ако им прави ќеф на душата.Јас одам поретко и тоа преку синдикато на фабриката за фрижидери кај што работи Мендо. Еден 8 ми Март, се славеше во Отешево , во хотел Европа. Се дотерав јас , едно црно боди, темно лилаво костумче што си го шиев сама по кројките од Бурда,црни лаковани штикли, ѓердан, обетки и фризизура што си ја напраив самата со едно фигаро . Сега што праам за шминкање? Во советите во „Практична Жена”велат да се нашминкаш дискретно , за да не се познава дека си нашминкана,а да изгледаш убаво.Тргнав чиџија со креонот, римел на клепките, зелена сенка на капаците, кармин ( труло јаболко) и од истото на образите за да изгледаш здраво.Мендо ги ококорил очите и подзинал : Паце како фото модел си ми вели, уште да те клаат на насловна на некое модно списание . Туку Паце додава,оди сега со здравје , да се издуваш и да си ја одмориш душата . Јас сум со децата, ич да не бериш гајле .

Стигнавме во Отешево, во хотелот Европа. Гледам во салата една маса залепена до џамо , можиш да си го гледаш езерено, како да ти е на дланка. На сред масата стои едно ливче и пишува”резервирано”. Го пикам тоа ливчето во чантата и си седнувам до џамо ! Еве го келнеро затрчан , ќе се сопне ќе се отепа,целио задишан ми вели: Госпоџо ова е резервирано за едни госпоџи од Ресен .Слушај господине , прво никаде не прочитав дека е резервисано , второ тие госпоџите од Ресен можат да си го пулат езероно секој ден, а јас го немам видено цела година . И трето , можеш и полиција да викнеш ама мене никој не ме станва од оваа маса .Виде, не виде не остаи да седиме а на госпоџите од Ресен им импровизира една маса .

Салата полна со жени, само неколку келнери трчаат натака, навака за да им ги исполнат сите нарачки на славеничките.Си велам со умо,сега да имаше едно пет- шест мажи како Мендо мој , некако ќе ја заличеше и ќе ја украсеше салата . ( Значи Пацо не си жива ако не го ставиш Мендо и кај што треба и кај што не треба ). Изиграв и пајдушкото и куцаното и Елено моме , едно српско коло на ситно и едно сиртаки и се издував .Тече пот од сите страни, по џамоите бразди од вода, внатре топло и влажно , како да си во Турски амам. Излегвам надвор , трча тоа келнерчето по мене , каде госпоџо ме прашва ? Се издував со играњето, сега одам да си ја одморам душата покрај езероно. Туку дете донеси една столица и едно нес- кафе. И навистина си ја одморив душата , си пијам со едно цефче од кафето и си го гледам езерото.А бе убаини, удира по некоја далга и од време на време ќе скокне некое рипче од водата .Мислам дека и задремав , таков спокој и одмор за душата ми се фати .

Дојде време да се вратиме назад во Битола . Ги гледам жените , нема појќе фризури, нема шминка а место штикли си обувме кои ниски чели, кои патики.Само што излезе автобусо од Ресен, потскокна три пати и застана.Ајде жени вика шоферо надвор и да го туркате автобусо да запали. Е сеа си мислам , да имаше неколку мажи како Менде мој, ќе свшеа работа .

Стигнавме живи и здрави Битола. Ме чекаат во кујната тројцата , три црвени каранфили, две честитки од децата за празникот на мајката и една бонбоњера и тоа не обична, туку Бајадера .Гледај го ти Менде оварда , бааѓи се потрошил .Ленин мој ист на мајка, брз на јазик, се истрча да каже:Мама ние сме гладни, немаме ниту ручано. Менде, мојот агент што ќе ме ставеше на насловна од некое модно списание,кабаетлија не ме ни погледнува . Е Паце си велам,се издува,си ја одмори душата е сега е редно да го завршиш дено со правење вечера за три гладни усти,моите три љубовчиња . Кога ќе размислам, убаво си го поминав празнико, па здравје до година можи и Охрид да не носат . Колку што знам не беше во Охрид ,некаде во некој ресторан во Битола , но јас по обичај не отидов .

Уживајте во ситните работи , тие го сочинуваат најголемиот дел од нашиот живот ! ПАЦА

П.С. СРЕЌЕН 8- МИ МАРТ И ОД МЕНЕ АНАСТАСИЈА КОКАН ПЕТРОВСКА

Насловна фотографија Кети Радевска