Постепено, почнувајќи од втората половина на 18 век, кога на османлиските пазари започнале да се продаваат француски колонијални производи, во Македонија почнало да се увезува кафето од Мартиник. Иако било инфериорно во споредба со јеменското кафе, а оттука и поевтино за османлиската влада, поради сличниот изглед со зрното кафе од Јемен, кафето од Мартиник ги преплавило османлиските пазари. Меѓутоа, османлиските власти го продавале колонијалното кафе по иста цена како и јеменското, па оттука кафето и понатаму претставувало луксуз за населението од внатрешноста на Македонија. Во 19 век, особено во 1870-тите години и потоа, кафето конечно ја „поразило“ ширата и станало најпопуларниот пијалок насекаде низ Македонија. Ова, во најголема мера, се должело на изградбата на првата железничка пруга на македонска територија. Од една страна, транспортот станал побрз и поевтин, а со тоа и цената на кафето била поприфатлива за населението.

Од друга страна, селаните кои работеле на изградба на пругите добивале солидни плати, со што пораснала и нивната куповна моќ. Пораснала и конкуренцијата, па така на пазарот за кафе се вклучиле и останатите Големи сили. Поради пониската цена, населението ги претпочитало поевтините производи кои доаѓале од Австро-Унгарија, за сметка на поквалитетните, но поскапи, британски или француски продукти.

Тоа се случувало и со кафето, при што поевтиното кафе увезувано од Австро-Унгарија било претпочитано пред поквалитетното француско колонијално кафе. На тој начин кафето ја преплавило цела османлиска Македонија и станало лесно достапно дури и во најзафрлените македонски краишта. Во Битола, на пример, во 1859 година кафето било четвртиот најувезуван производ во градот, во 1889 година биле увезени 56 тони кафе, а само десет години подоцна, битолчани увезле 200 тони кафе, што претставува пораст од над 250%, или, како што заклучува еден француски конзул во градот, кафето станало “un article de premiere consummation.”

“Кафето и кафеаните во османлиска Македонија (Coffee and Coffeehouses in Ottoman Macedonia)” од Никола Минов