Синоќа во Центарот за култура – Битола беше отворена изложбата „Монодиоптрија“, како своевидна најава на Интернационалниот фестивал на монодрама кој почнува оваа сабота.

„Два дена пред Фестивалот на монодрама отвораме една за мене посебна изложба, една изложба која на симболичен начин го дефинира она што ќе се случува во наредните 8 дена во Битола. Ако за театарот велат дека е уметност на мигот, јас истото го мислам и за фотографијата. Фотографиите на Диоген Хаџи Коста Милевски точно така ги уловиле најдобрите актерски мигови во изминатите 5 години на Фестивалот на монодрама.“ – истакна Маја Андоновска – Илијевски, директор на Центарот за култура – Битола.

„Монодиоптрија“ е замислена како визуелно патување и ретроспектива на најмоќните моменти од Интернационалниот фестивал на монодрама во периодот 2019 – 2023 година. Изложбата се состои од 30 фотографии кои ги визуелизираат емоциите и суштината на ликовите толкувани од 25 актерите во монодрамите одиграни на сцените на фестовалот во изминатите години.

„Монодиоптрија е природен раст на проектот „Фестивалска диоптрија“. Уште при подготовката на изложбата „Фестивалска диоптрија“ сфатив дека е Фестивалот на монодрама е вистинско богатство кое што сите ние го имаме. Оваа изложба е резултат на тимската работа на исклучителна група на професионалци, кои секој во својот домен е дел од сложувалката наречена Интернационален фестивал на монодрама и сите тие се потпишани на задната страна на секоја од 30-те фотографии. „Монодиоптрија“ и планираните проекти за следниот период се обид да ја збогатиме фотографската култура на нашито град и да ја градиме архивата на Центарот за култура. Овие фотографии се еден вид трајно наследство кое им го оставаме на идните генерации. – истакна Диоген Хаџи Коста Милевски.

Љубителите на фотографијата ќе можат да ја погледнат оваа „Монодиоптрија“ до 31 мај. Изложбата е финансиски поддржана од Министерството за култура, а партнери на проектот се НУ Центарот за култура и здружението Центар за европски развој и интеграција од Битола. Јубилејното 25-то издание на овој фестивал започнува подоцна оваа седмица, односно од 25-ти до 31-ви мај.