Како што пишува Д.Ј. во натписот за „Олд Тајмери” првиот автомобил во Македонија бил донесен во Битола. Се работело за „Форд Т“ кој бил донесен од Детроит и чинел 850 тогашни долари. Во историските анали е запишано името на Ристо од село Цапари како прв професионален возач во 1912 година.

Во Скопје, пак, првиот атомобил бил донесен во 1911 година, од марката „рено“, а го донеле браќата Ашами. Интересно е што Битола и Скопје биле најавтомобилските градови на Балканот, а пред нив предничеле само Солун и Цариград. По ослободувањето се бележат и првите здружувања на љубителите на автомобилите.

Ристо Георгиев Најденов

Ристо Георгиев Најденов бил роден 1880 год. во с.Цапари, битолско починал 1950 год. во Битола. Уште како мало дете останал сирак и почнал да работи во околните села како ќумурџија , а во прва прилика заминал Америка. Таму успева
да најди работа на изградба на железничките пруги. Првата печалба ја искористил за купување „Форд Т” за кој потрошил 850 долари и со брод го испратил за Македонија. При враќањето во Битола со остатокот од парите купил неколку автомобили, камиони и автобус со кои како такси превоз возел на релација Битола-Градско и Битола-Ресен Охрид.

Изградил куќа и автомеханичарска работилница на ул. Беласица бр. 23 (позади Пелагонка -1) кои и денес
постојат, а работилниците се реновирани во дуќани. Имал вработено неколку возачи, механичари и чираци.
Соработувал со многу странски фирми како Пирели од кои набавувал гуми, резервни делови и вршел осигурување на возилата и имотот, а го снабдувал и Милтон Манаки со камери, фото апарати и материјали за сликарството бидејќи биле многу блиски. Се оженил со Магдалена и во бракот добил 7 ќерки и еден син кој за жал уште мал починал.

Ќерките Елена, Нада, Цветанка, Анастасија, Марија, Венгелица и Милица сите се омажиле, имале вкупно 21 дете.

Сите живееле во Битола, само Нада се омажила и заминала Америка, а Цветанка откако ги родиле и пораснале децата сите заминаа во Австралија. Сите негови доживеја длабока старост, само најстарата
Елена почина на 69 год. Беше омажена за Арсен, мејанџија и син на Стојан ,сопственик на меаната на ул.Прилепска, сега пицерија Бибс во друга сопственост. Стојан бил сопственик и на бакалница. Елена уште како девојче ја испратиле во Солун кај свои роднини и таму го изучувала плетачкиот занает на машина, како и свирење на окарина и плин. Останатите ќерки биле домаќинки и си ги ја гледале фамилијата и децата.

Ристо, плашејќи се за преживувањето на големото семејство, во триесетите години од турците купил чифлик од 58 хектари во Логоварди, Новаци и Рибарци. Таму работеле и ќерките додека не биле омажени,
а Ристо направил многу иновации како ронилка на пченка, селајки и други помагала во земјоделието. Неговата најмлада ќерка Милица родена 1928 год. била прва жена тракорист и се натпреварувала во Југославија на натпреварите за трактористи.

Ронилка за пченка, иновација на Ристо

Ристо ја оформил и „Тракторска”, ја помагал НОБ , со тоа што ги снабдувал гориво за возилата и газија. По ослободувањето, со Протокол од 09.02.1946 год. с.Новаци му било оставено околу 20 хектари 14 ари и 70 метри од чифликот како мексимум да го обработува, а со Одлука бр.541 од 28.02.1946 год.од Аграрниот суд при Окружниот народен одбор Битола, му биле одземени по Законот земјишниот фонд за аграрна реформа и колонизација се одземени 38 ха 71 ари 10 метри обработлива земја.

По донесување на Законот за денационализација, неговите наследници поднесоа барање за враќање на имотот. Но за жал до денес историската неправда не е исправена и се уште се заглавени во судските лавиринти заради некои моќници на локално и државно ниво кои не дозволуваат да им се раситни нивната грутка стекната на криминален начин во годините од транзиција.

Голема благодарност до Голубка Кебакоска