Порано одев да пазарам, сега одам во шопинг. Сега да се разбереме, Битола не е Свети Николе ама не е ни Париз. Горе долу имаме доста познати по продавниците , некои продавачки ни се или пријателки или роднини. Излегвам наменски да купам нешто ама тоа се претвара во хаотично купување. Немам платежна картица и намерно не носам многу пари со мене. Ми треба блуза и тоа точно знам што боја, материјал и модел. Арно ама таму кај што влегов , стар сум муштерија и продавачката ми дава три блузи и ми вели: Паце пробај ги дома пред огледало и види со што ќе ти се ујдисат, за другите ќе ги вратиш, лесна работа нема да ми избегаш .

Излегвам со ќеса со три блузи и одам во следната продавница . Таму барам кафени пантолони, за беља продавачката некоја сватоштина ни паѓа , ми дава две рала пантолони, едно сако и една кошула. Тетка Паце ми вели: пробај си ги дома на раат и врати тоа што нема да те бендиса . Чевлите ми се посебна приказна . Не можам да си дозволам да купувам често и затоа гледам да се квалитетни , така да ги носам неколку сезони . Откако ги преполнив рацете со најлон ќеси , ми текна дека за Мендо не купив ништо. Правец пазаро, машки гаќи три за стотка и чорапи три за стотка. Ич да не се смеете, супер се , бркаат работа , кој гледа квалитет за тие пари. Оттука ќе скокнам да си ја видам мајка ми Цонка во Ушици. Последно време почна да дава коментари а бидејќи има паметење како слон, коментарите и држат место . Паце чедо пред неколку месеци купи слична блуза , го претрупа гардеробо па се чудиш што да им правиш на алиштата. Не и одговарам ништо , очите ќе ми се наполнеа со солзи додека на бегање ја гушкав а таа со раката ќе ми го погалеше лицето .

Сите вие што имате живи родители уште утре да одите да ги посетите , да ги гушнете и да им кажете дека ги сакате. Ништо поубаво нема да почувствуваат ниту да слушнат во својот живот. Направете го тоа , најдобра инвестиција што ќе ви ја вратат вашите деца кога вие ќе остарите ! Главнио проблем како да внесам дома толку многу ќеси со алишта. Ги оставам во спалната и на Мендо му ги покажувам дозирано, од време на време , си велам немој Пацо да го потресваш чоекот . Не дај Боже , некој инфаркт да не го стрефи, ќе речат Паца е крива му ги покажа сите работи што ги купи наеднаш .

Главниот моден советник е мојата Жаклина, има осет за убави работи, млада е и ја прати модата. Секогаш си ја слушам и никогаш немам погрешено. Не можам да земам многу работи наеднаш, секогаш земам само едно ама да е квалитетно . Мојата другарка Маца, старосватицата на нашата свадба има обичај да си купи неколку ефтинки работи и ниту пробам да ја убедам да го следи мојот пример , во тоа е убавината на нашето долгогодишно пријателство , си се прифаќаме такви какви што сме. Некогаш си велам може Маца е попрактична од мене,ќе си помине сезоната со три различни работи , на крај ќе ги фрли и ич не и е жал, ефтино си ги купи. Јас со тоа едното квалитетно ќе ме научи цела Боримечка . Широк Сокак и Шеталиште. Ама тоа е, ниту јас можам да ја убедам Маца , ниту таа мене, секоја со својот табиет а ја сакам како да ми е сестра. Нема подобро и покротко створење од мојата Маца , целата создадена од љубов и добрина . Мендо во дневната си се радва со чорапите и гаќите и не гледа многу што правам и што пробам пред огледало . Јас облечи, соблечи по неколку пати, ујдисај со едно костумче, па со пантолоните ,,со челите, со кошулата”. Господ ќе ме заборави од пробање. Сега да си кажам право, некогаш по совет на Жаклина знам да си ги задржам сите работи што требаше само да ги пробам.

Плаќањето , со тоа се лажевме најмногу, ќе те запишат во една тетратка и тебе не ти се гледаат големи ратите, за неколку месеци ќе го исплатиш тоа што си го купила. На рати се купуваше и преку благајните на некои претпријатија, со тоа што секој месец држеа од платата колку што ти беше ратата . Што и да си купев, секогаш си се радвав, убаво е чувството кога ќе се подновиш со нешто . Купете си нешто, некоја ситница, ќе се чувствувате подобро , ќе си го разубавете денот и ќе си го подобрите расположението . Ви посакувам успешен шопинг,но купувајте со усул, прво да си проверите во гардеробите колку партали (баба ми така ги викаше алиштата) имате и што ви е неопходни,,за да не се чудите после што да им правите на вишокот алишта. Поздрав , ПАЦЕ !

Анастасија Кокан Петровска