Ми вели Менде мој: „Спремај се, Пацо, ќе ојме во Баро.“ За да не се попишмани, го грабнав тој зелениот фустан од гардеробо што ми го шиеше Маре модистрата. Долниот дел со кофопијети, горнио со сури и еден каиш на полојната со панделка што се врзва позади. Чорапите црни со рафија позади, а челите подисе со висока штикла. Чантата плик црна од кадифе со навезени цветчиња. Елеганција во движење, прочитав еднаш во модното списание „Базар“, за некоја српска глумица. „Пацо мори“, вели овој мојо токмак, „многу си уба, пу, пу, машала да не те почудам.“ „Знам Менде, ама овој фустанов се изветви од носење, десет години и кусур го имам, го облеков на три свадби, на две матури, една Нова година, три крштевки, две слави и еднаш за една изложба на уметнички слики.“ Излеговме од дома фатени ангаже. Времето убајни, рашетани луѓе на Широк сокак, мирисат липите, а времето таман како што треба, ни топло ни ладно.

Во Баро нѐ пречеква еден келнер и како прав џентлмен, ја поттргнува столицата да седнам. Јас кутрата не очекував такво нешто, за малку ќе се струполев и ќе се најдев под маса. Нејсе, ни тупнаа по едно мени во рацете и читам јас некои странски имиња и се мислам што да нарачам. Гледам Менде се поти и него нешто не му е јасно. Ми стои келнерот над глава, истиот тој џентлмен поради кој ќе направев перендија и чека да се решиме што ќе јадеме. Нарачвам Караџорџевиќ шницла, салата Цезар и рестован компир. На Менде му олесна и како папагал ја повторува по мене истата нарачка. За убо, беше убо, а најубо што некој и мене ме служи и што не морам после ручекот да мијам еден куп пајнци, лајци и чаши. Како прави локал патриоти се напивме и битолско пиво. Десертот е посебна приказна, ме бендиса името трилече, а тоа да ти биди по битолски раванија потурена со млеко. Дојде моментот да се плати сметката за нашето уживање. Кога ја видов сметката, ми се снеарни, а Менде мој мртов ладен го извади ќесето, му плати на мојот џентлмен, па како да беше малку тоа, му остај и еден голем бакшиш. Е сега срам, несрам, поради овој гест, јас по вторпат се вљубив во мојот Мендо. Пак се фативме ангаже, напрајвме една волта на Корзо, купивме две ќулафки со пуфки за децата и нога за нога се вративме дома. Децата беа заспани, па пуфките ние си ги јадовме. Пред да заспијам, ми дојде така апансас една мисла во умо. Сакав да му ја кажам на тој до мене, ама го знаете Менде, заспива во истата секунда кога ќе ја допре перницата. Сигурно ве интересира каква мисла! Чиста поезија читајте и уживајте:
„Нашата љубов голема, како од бајка излезена, за вечност ќе остане, за нашите внуци аманет.“
Се вртам да му ја кажам на Менде, а тој рчи ли рчи, ѕидојте од спалната се тресат, а тој се повил со прекривачот, само носот и устата му се гледат. Батали Паце романтика, си велам во умот, заспиј си, па утре ќе си ја запишиш во тефтерот, таму кај што се запишани телефонските бројој, родендени на цела фамилија и пошироко и некои поважни датуми од свадби, крштевки, полуматури на сите роднини и пријатели, за да не заборавам да им честитам. Имам запишано и многу рецепти за јадење (можам еден кувар да напишам), разноразни совети, лекови од народна медицина. Последно време почнав да запишувам и мудри мисли и изреки од писатели, научници, мудри глај, некои од денешно време, некои од пред Христос. Е сега замислете, до сите тие умни глави ќе стои и името на Паца. Сеа мислата можда не ми е многу мудра, ама ептен е романтична!

Анастасија Кокан Петровска, извадок од книгата „Бабам Битола со расказите за Паца и Мендо“, ноември 2023 г.

Илустрација Кети Радевска

Промоција на 08.11.2023 г. во 18.00 ч. Мала сала во Центарот за Култура во Битола.