Паркот „Нузхетие“ е уште едно дело на валијата Абдул Керим Паша (1895 – 1901). Познато е дека лично беше го избрал местово, дал сугестии како да биде испланирано и уредено. Освен како „Нузхетие“, било познато уште со неколку други имиња, по Младотурската револуција било „Итаат“, кога станало омилено место за развлеченија на младотурците и за нивни средби со новостекнати пријатели и државни делегации од балканските државички, меѓу двете светски војни било „Терпс“ во кое за првпат настапувале и пејачки („шантиклер“ – од франц. шанте), додека најдолго и
најупорно останало „Народен Парк“.

Бил подигнат во триаголникот меѓу денешниот Ловечки дом и улицата „Димче Хаџи Поповски“ и двете улици што водат север-југ и го обградуваат. Непосредно по ослободувањето таму своите популарни точки ги изведувал
Битолскиот циркус, нешто подоцна никнала и денешната мала станбена населба позната и денес како „Фрижидерски станбени објекти“, подигнати за потребите на Фабриката за фрижидери „Ѓорѓи Наумов“- Битола што се планирала да се гради. Парков се оформувал паралелно со градењето и уредувањето и на Тумбе кафето и првичната намера на Абдул Керим Паша била поврзана со намерата да ги разреши тешките проблеми со тамошното мочуриште од кое се ширела неподнослива смрдеа и претставувало извор за погубната
маларија и за војниците од блиските касарни, но и за околното население. По востанувањето станало пак привлечно и уредено место за престој, обградено со столбови, неколку патеки, со прекрасен шадрван од кој се ширел лад,

Внатрешноста на „Нусхетие”
прераснувајќи во многу симпатичен киоск, кој повикувал на приградски одмори и средби. Српските власти, признавајќи ги заложбите на градителот по Балканските војни, парков беа го преименувале во „Парк Абдул Керим” и продолжиле да го облагородуваат, придававајќи му и нови содржини во кои спаѓала и новата кафеана, а со цел „граѓаните да имаат прекрасно место за одмор и шетање”

За него, а и за пошумување на голините околу Битола, општинарите за помош беа се обратиле и до Министерството за стопанство за шумски растенија. Кога во месец мај 1927 год. била преземена акција за поправка на Споменикот на рускиот конзул Ростковски, кој се наоѓал од неговата спротивна страна, вложени биле 11.605 динари за поправка на тамошната кафеана. За неа за закуп, како многу популарна и посетувана, инаку, владеел невиден интерес и потврда за тоа е и лицитацијата од првите месеци на 1914 год. кога се јавиле дури 7 заинтересирани лица и кога истата беше ја добил Станоје Здравковиќ за 1100 динари за две години. Се редат потоа и други, а почнувајќи од први март 1927 год. закупец станал Таше Спасиќ, потоа Вангел Пешиќ, во 1929 год. за 500 динари месечно ја добил и Павлопулос Аристомен, кој ја користел сосема кратко, зашто непланирано заминал од Битола итн. Популарноста на парков спласнала кога во близина се подигнал Градскиот парк, кој добил многу поинтересни содржини, бил многу попростран, бил со изобилно зеленило, негувани цветни алеи и тоа бил и неговиот крај.

проф. Александар Стерјовски, Градби