1. Со донацијата на Џим и Медисон Ристевски беа опфатени нова фасадна обработка на источната фасада, целосна замена на водоводна и канализациона инсталација, поставување на нови керамички плочки и ПВЦ паравани на приземјето и првиот кат, додека на вториот кат (поткровјето) не се интервенираше, бидејки тоа беше и е новоизграден простор (околу 2008 година) и на истото ниво се изврши само фугирање на дел од подните плочки (под мијалниците) кои беа оштетени.

2. Најголем дел од учесниците од Битола, проектанти, мајстори, изведувачи и набавувачи на материјали за овој проект дадоа свој придонес со целосна или делумна донација во материјали или работна сила со што овозможија да се соберат и дополнителни средства кои ја надминаа иницијалната донација и кои средства се донираа на училиштето за замена на дел од внатрешната столарија како и замена на влезна врата во училиштето (иако беше договорено да се донира само за санитарните јазли). Дури и најмалиот остаток од донацијата по завршувањето на изведбените работи на крај беше дониран на локално здружение посветено на подобрување на условите за децата без родители. Затоа, секое обвинување дека изведувачите од Битола ,,ги лапнаа парите” е несоодветно и предизвикува револт кај луѓето кои помогнаа проектот да се реализира.

3. За избегнување на вакви слични и полоши несреќни случаи сметам дека треба да има правилно тековно одржување и користење на сите јавни објекти, не да се чека да се распаднат па да се интервенира. Интервенциите треба да ги вршат стручни лица, а не да се бара најевтината понуда.
Секој дефект треба што побрзо да се санира пред истиот да се прошири на поголеми површини, за што се потребни поголеми интервенции и финансии.

Санитарните простории во јавните објекти не смее да се чистат со целосно воденење со црево под притисок од големо растојание, да се прави базен од нив, туку да се чистат на стандарден начин.

Во опремата на секој тоалет, корпата за отпадоци е задолжителна опрема, без неа голем дел непотребен отпад завршува во канализационата мрежа. При реновирањето бевме сведоци на огромна количина на секакви предмети фрлени во канализационата мрежа. Ова се некои минимални услови кои треба да се обезбедат за поголема трајност на санитарните јазли во јавните објекти, а со тоа и поголема
безбедност.

Писмото е испратено во име на донаторот, проектантот и изведувачите на проектот