Дамјан Груев е еден од основачите на македонската револуционерна организација. Пред Илинденското востание ќе ја каже неговата најцитирана реченица:

„Доста е, подобро ужасен крај, отколку ужас без крај!“

Во учебната 1899/1900 година Дамјан се вработил како учител во Битолската машка гимназија . Дамјан бил ангажиран за изведување на наставата по предметите географија, аритметика, геометрија, цртање. Присуството во гимназијата на Дамјан и другите членови на Организацијата, придонело учениците да се револуционизираат. Најдобро состојбата ја претставува Христо Силјанов, самиот ученик во VII завршен клас, во едно писмо во кое пишал:

Дваесет и четири младинци ја поминавме во Битола последната година од школувањето. Повеќето од половината сме покрстени… Ние постојано се среќаваме со нашите учители. Ние сме нивни другари. Одиме кај нив секоја недела на гости, зборуваме со нив на ти, пушиме со нив, дури ги полниме табакерите со нивниот тутун. И сме горди, горди, што не третираат како зрели мажи, како револуционери, соборци… Ние знаеме дека револуционерот значи нешто како аскет, одрекувач од сите удопства и на секоја лична среќа. Затоа никој од нас нема да се ожени и да заврти дом и куќа. Никој нема да ја напушти Македонија, никој нема да замине за да го продолжи своето образование. Кој ќе се ожени или ја напушти Македонија, или ќе пристапи во универзитет, тој ќе биде подлец, предавник. Македонија не може да чека, таа нема потреба од помошта на оние кои ја ставаат универзитетската диплома погоре од потребата за нејзина слобода, таа ги одбива и проколнува оние коишто ја заменуваат со друга љубовница. Нашиот учител Даме Груев за нас е пример на самоодречен жрец за Македонија, олицетворение за револуционерен аскетизам.

Дамјан Груев е роден во револуционерното село Смилево, во 1871 година.